сабота, февруари 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Фирмите во Тетово што создаваат отпад треба да склучат договор за комунални...

Фирмите во Тетово што создаваат отпад треба да склучат договор за комунални услуги

123

Сите правни лица што создаваат отпад треба да склучат договор за комунални услуги согласно со член 6 од Законот за управување со отпад, се вели во известувањето на Друштвото за производство и комунални услуги „Саубермахер Тетово“.

– Со жалење констатираме дека по испраќањето на ова барање, во јавноста се појавија неточни информации и тенденциозни интерпретации на содржината на барањето, со кои се нарушуваат честа, угледот и добриот глас на „Саубермахер Тетово“ ДОО, како овластен давател на јавна комунална услуга на подрачјето на Општина Тетово. Се шират неточни тврдења дека компанијата врши т.н. рекетирање на деловните субјекти и на граѓаните, дека им се заканува на правните лица со изрекување казни и дека принудно бара склучување договор. Овие изјави се во целост невистинити и се особено загрижувачки, бидејќи не само што ја дезинформираат јавноста туку и дополнително го поткопуваат угледот на компанијата, која професионално ја извршува својата законска и договорна обврска на терен. Цврсто веруваме дека ваквите дезинформации произлегуваат од субјекти што и понатаму не сакаат да ги исполнуваат своите обврски за почиста животна средина – велат од „Саубермахер Тетово“.

Оттаму појаснуваат дека согласно со член 6 од Законот за управување со отпад, обврската за склучување договор се однесува на сите правни лица што создаваат комерцијален отпад, односно отпад што произлегува од деловна активност и е сличен по состав со отпадот од домаќинствата (хартија, амбалажа, пластика, храна итн.). Примери на комерцијален отпад се: канцеларискиот отпад (хартија, шишиња, пакувања); отпадот од трговијата и од угостителството (стакло, храна, картон); отпадот од козметичките, фризерските и од слични услуги; отпадот од пазарите, хотелите, мали сервисите, како и некои видови отпад од здравствените установи (ако не се класифицирани како опасни).

– Ги повикуваме сите правни субјекти да постапуваат согласно со законските  обврски. „Саубермахер Тетово“, како кориснички ориентирана компанија што ја добила довербата од Општина Тетово за јавно-приватно партнерство за управување со комуналниот отпад, има обврска да ја извршува својата дејност согласно со законските обврски и во исто време да се грижи за заштитата на животната средина, со доследна примена на најдобрите стандарди за успешно корпоративно управување. Веруваме дека секој поединец и фирма на територијата на Општина Тетово, кои се добронамерни, ќе се придружат кон остварување на целите за почиста животна средина – велат од „Саубермахер Тетово“.

ИЗДВОЕНИ