Инспекторатот на Град Скопје затекнал фирма на територијата на општина Гази Баба при вршење нелегални активности.
Од Град Скопје информираат дека фирмата правела огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправно експлоатирала земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што, како што наведуваат градските власти претставува сериозна опасност врз здравјето на граѓаните и животната средина.
– Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат – соопштија од Град Скопје.
Оттаму апелираат до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи како што велат, неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот.