Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) „Финансиската иднина на ЈИЕ: финансирање на растот и иновациите“, во организација на Народната банка на Австрија, која се одржува во Виена, истакна дека финтек-иновациите значително го олеснуваат пристапот до финансии за граѓаните и за малите и средните претпријатија, ја намалуваат цената на трансакциите и поттикнуваат развој на нови дигитални услуги.

– Народната банка веќе создаде платформа за поддршка на финтек-инвестициите, порта за иновации и работна група за финтек, како и стратегија за периодот 2023 – 2027 година, со цел да овозможи поддршка за иновативните компании и за компаниите во зародок (стартап). Законот за платежни услуги и платни системи е усогласен со рамката на ЕУ, овозможувајќи поефикасно и поевтино плаќање и лиценцирање на пет платежни институции и три даватели на електронски пари досега – истакна Славески.

Гувернерот посочи дека македонските банки активно инвестираат во дигитализацијата, вклучувајќи ги биометриската идентификација, технологиите во облак и вештачката интелигенција, а соработката со финтек-компаниите расте. Народната банка работи и на регулативни мерки за заштита од онлајн измами и од злоупотреба на личните податоци, како и на подигање на финансиската и на дигиталната писменост.

– Довербата во домашната валута е клучот за развој на локалните пазари на капитал, додека регионалната интеграција и приближувањето кон ЕУ и еврозоната може да донесат пониски трошоци за финансирање, поголема доверба и зголемени инвестиции – вели Славески.

ИЗДВОЕНИ