ФИНИШИРААТ РАЗГОВОРИТЕ ОКОЛУ ПОПОЛНУВАЊЕТО НА ИСПРАЗНЕТИТЕ РЕСОРИ ВО ВЛАДАТА: Новите министри на Вреди на пат кон избор во Собранието

Премиерот Христијан Мицкоски за утре најави доставување до македонскиот Парламент на имињата на новите членови на Владата од редовите на коалицискиот партнер. Тој не објасни какви сè промени ќе бидат извршени, односно дали само ќе се пополнуваат вицепремиерскиот ресор и ресорот за животна средина, кои останаа испразнети по изборот на Изет Меџити за градоначалник на скопската општина Чаир, или на листата со предлози ќе има и други рокади

201

Во текот на утрешниот ден, се очекува да бидат испратени до македонското Собрание имињата на новите членови на Владата, по што би започнала процедурата за нивни избор. Ова денеска го најави македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, објаснувајќи дека разговорите со партнерската коалиција Вреди се прикрај, односно дека требало за завршат уште синоќа.

– Финишираат разговорите и очекувам во текот на утрешниот ден да ги доставам имињата до Парламентот. Кога сè ќе биде конечно, ќе ги дознае и јавноста – изјави денеска премиерот.

Тој не објасни какви сè промени ќе бидат извршени. Односно дали само ќе се пополнуваат вицепремиерскиот ресор и ресорот за животна средина, кои останаа испразнети по изборот на Изет Меџити за градоначалник на скопската општина Чаир, или на листата со предлози ќе има и други рокади во ресорите што досега ги држеа кадрите од коалицијата Вреди. Околу овие прашања имаше бројни шпекулации и комбинаторики во изминативе денови, кои беа ставени на маса во текот на неколкуте рунди преговори меѓу Мицкоски и лидерите на Вреди. Од изјавата на премиерот се заклучува дека тој ќе предложи неколку имиња.

Според досегашните најави од редовите на Вреди, речиси е извесно дека во улогата на прв вицепремиер на Владата ќе се најде Беким Сали, кој во претходната Влада, во еден период, беше и министер за здравство. Како кадар што ќе раководи со Министерството за животна средина, најчесто се споменуваше името на Мухамед Хоџа, поранешен портпарол на владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски. Тој, неофицијално, добил предност во однос на Недим Рама, поранешен шеф на кабинетот на Меџити во Министерството за животна средина. Од редовите на оваа коалиција досега инсистираа да предложат имиња на двајца кандидати со оглед на тоа што Меџити држел два ресори.

– Ние сметаме дека треба да предложиме едно име плус, министер за животна средина – изјави неодамна Арбен Фетаи, министер за добро владеење.

Но, прашање е дали ќе биде завршено пополнувањето на испразнетите ресори само со овие две предложени имиња. Според сознанијата, нема да биде изненадување доколку Беким Сали се најде и во улога на вицепремиер задолжен за добро владеење. Со тоа, тој би дошол на позицијата што сега ја држи Арбен Фетаи, кој, пак, би се префрлил на позицијата министер за европски прашања со која управува Орхан Муртезани. Во ваков случај, Муртезани би станал заменик- министер за одбрана, позиција што сè уште е празна по излегувањето на кадрите на Арбен Таравари од Владата. Но, сите овие дилеми денеска ќе добијат разврска, при што не се исклучени и нови комбинаторики.

Премиерот Мицкоски досега изјавуваше дека во оваа фаза може да се очекува само пополнување на испразнетите ресори. Другите промени во владините ресори треба да се случат по партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 6 декември, во Кавадарци. На конгресот не се очекува Мицкоски да има противкандидат за лидерската функција во партијата, но се очекува проветрување на Извршниот комитет. Во медиумите се шпекулираше со повеќе ресори што би биле предмет на подоцнежната реконструкција: образование, правда, внатрешни работи, култура и туризам, земјоделство… Тогаш премиерот повика да не се „верува во шпекулациите, бидејќи сè уште не седнал да размислува на таа тема“.

Кон крајот на август, Мицкоски најави реконструкција на Владата по локалните избори, а како причина за тоа го наведе јакнењето на капацитетите.

– Секој што треба да замени, треба да понуди подобра програма, подобри перформанси за да имаме подобра испорака. Ако ставиме име што нема да има подобра програма, нема подобри перформанси и подобра испорака, бадијала сме направиле реконструкција, не е суштината на реконструкцијата. Тоа не значи дека луѓето што ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените што ги правиме – изјави Мицкоски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ