Песната премиерно беше изведена на фестивалот „Макфест“ во 2013 година, а беше отпеана од одличната Александра Јанева, која победи тогаш. Автор на песната е познатиот хитмејкер Ристо Самарџиев. Тој не може да се изначуди како дошле Финците до него, бидејќи побарале регулирање на авторските права
Македонската забавна музика повторно ги пробива границите. Тоа е секогаш за поздравување. Најнов пример е песната „Врати ми го сонцето“, која премиерно беше изведена на фестивалот „Макфест“ во 2013 година и која беше отпеана од одличната Александра Јанева, која победи тогаш. Автор на песната е познатиот Ристо Самарџиев. Сега финскиот музичар и композитор Кари Јокелаинен ја преработи песната, пеејќи ја на својот мајчин јазик. Сите наши се сите пријатно изненадени – од самата пејачка Јанева до авторот Ристо. Тој не може да се изначуди како дошле до него. Најпрво му пратиле барање во кое било напишано дека многу им се допаѓа песната и дека сакаат со документи да ги регулираат авторските права. Ристо, од преголемо воодушевување, им возвратил дека не треба ништо, само нека се пее оваа убава македонска забавна песна, ако може, во сите земји од светот.
Сепак, закон си е закон и тој функционира во нормални држави, во кои нема крадење, нема присвојување со ставање потписи под песните, кои не се дело на оној што ги пее. Финецот е многу професионален музичар и сака да биде на чисто, и во овој случај, со македонската песна. Сега, во Финска, „Врати ми го сонцето“ е многу слушана, со претензии да стане голем хит.
Инаку, ова не му е првпат на Самарџиев да му ги препејуваат песните на други јазици. Тоа кажува дека има нешто хитовско и интересно во тие песни, поради што странците се решаваат на таков чекор, а со што би требало да се гордее самата македонска забавна музика. Друг пример е со хрватската пејачка Вјекослава Бах, која, пред неколку години, на хрватски јазик, го испеа хитот на Самарџиев – „Таму кај што си ти“. Само нека продолжат работите во таа насока и нека си биде како што треба. Барем колку-толку, дури и усно, да им се обраќаат на македонските автори. Бидејќи има премногу такви во нашето соседство што без трошка грижа на совеста ги присвојуваат македонските песни и ги потпишуваат како да се нивни. Во тој случај, секој автор има целосно право да поднесе судска тужба за дебело да си ги наплати авторските права, и тоа пред меѓународните судови. (Д. М.)