Општина Центар финансиски поддржува поправка и санација на покриви и лифтови во згради на нејзина територија, согласно Програмата за комунални дејности за 2025 година (Потпрограма ГДО). За таа цел е објавен јавен повик.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите станбени заедници кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што се нудат.
-Ова е можност да се подобрат условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради – изјави Герасимовски.
Финансиската поддршка изнесува 30% од вредноста на проектот, но не повеќе од 150.000 денари за покриви и 300.000 денари за лифтови, додека 70% од трошоците ги обезбедуваат сопствениците. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Право на учество имаат заедници на сопственици или управители од Општина Центар, чиишто станбени згради се постари од 15 години, со најмалку 70% населени станови. Потребна е одлука со потписи од 50% + 1 сопственик, како и комплетна документација според условите наведени во повикот (договори, понуди, фотографии, технички извештај и др.).
Пријавите се поднесуваат во затворен плик, во архивата на Општина Центар (барака 6) или по пошта, на адреса: улица „Михаил Цоков“ број 1, Скопје, во периодот од 10 мај до 30 јуни 2025 година, секој работен ден од 9 до 15 часот.