Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирањето конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња.
Општина Илинден од 2022 година континуирано обезбедува ранчиња со училиштен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територијата на Општината.
Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училиштен прибор, Општината, како новина, воведува доделување субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
– Целта на оваа финансиска поддршка е да им се олесни на родителите покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен почеток за сите ученици – информираат од Општина Илинден.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост се обезбедени од буџетот на Општината, што уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложувањето во децата, семејствата и во иднината на заедницата.
– Во рамките на поддршката за младите семејства, Општината неодамна го зголеми финансискиот надоместок за новороденчињата, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој – нагласуваат од локалната самоуправа.












