Францускиот претседател Емануел Макрон денес, по неколкучасовните разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз, изјави дека „е финализиран договор за безбедносни гаранции за Украина“.
Тој додаде дека во наредните денови ќе се одржат разговори и со американски претставници за да се разјасни вмешаноста на официјален Вашингтон, пренесува Франс 24. Францускиот претседател рече дека притисокот од санкциите врз рускиот енергетски сектор во наредните недели ќе биде најсилен досега.
„Нивото на притисок врз нафтените и гасните компании и нафтената и гасната индустрија во Русија ќе биде на највисоко ниво во наредните недели од почетокот на војната.
Мислам дека ова е пресвртница“, рече Макрон по средбата со Зеленски, нагласувајќи дека нивото на притисок врз руската економија ќе биде зголемено.
Макрон рече дека Европската Унија ќе најде начин да ги искористи замрзнатите руски средства за да ја поддржи Украина и додаде дека ги разбира загриженостите изразени од Белгија, која поседува најголем дел од замрзнатите руски средства.
Елисејската палата претходно денес објави дека Емануел Макрон и Володимир Зеленски разговарале со неколку лидери, меѓу кои Кир Стармер, Антонио Кошта, Урсула фон дер Лајен, Марк Руте и други шефови на држави или влади, објави Танјуг.
Во соопштението се вели дека Зеленски и Макрон разговарале и со Стив Виткоф, американскиот претставник, и Рустем Умеров, поранешниот украински министер за одбрана, кој сега е задолжен за преговорите, објави претходно ТВ БФМ.












