На отворањето на фестивалот на 22. мај, во 20:00 во Кинотеката ќе може да се погледне библиската драма во манир на италијанскиот неореализам, „Евангелие според Матеј“ од Пјер Паоло Пазолини. Во официјалната селекција на долгометражни филмови, пак, годинава ќе бидат претставени пет наслови кои се натпреваруваат за наградата „Златен був“

Триесетина филма од Европа и од сите краишта на светот ќе бидат прикажани  на 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), кое ќе се одржи од 22 до 28 мај, во Кинотеката на Македонија.

– Фестивалот што ги спојува зачудувањето и очудувањето, што вибрира во просторот меѓу филмската слика и критичката мисла, на процепот меѓу полемиката и поезијата го слави својот 15. роденден. Годинава, фокусот е на култниот италијански режисер, Пјер Паоло Пазолини, што совршено ги спојува трите збора што стојат во срцето на нашата програмска настроеност: провокативен, полемичен, поетичен. Во рамките на ретроспективата беа прикажани четири филма на Пазолини, а со проекцијата на петтиот ќе се одбележи отворањето на фестивалот на 22 мај во 20:00 часот, кога ќе може да се погледне библиската драма во манир на италијанскиот неореализам, „Евангелие според Матеј“. Дијалозите во филмот го следат автентичниот текст на Евангелието, а акцентот е ставен на поетските врвови на текстот – истакнуваат организаторите.

„Евангелие според Матеј“

Како и претходните години, како најава на главната програма, се одржа настанот ФФФ@МСУ на кој публиката имаше можност да ја види провокативната филм-анкета на Пазолини – „Љубовни заседанија“ во која тој прави обиколка на целата земја – од фабриките до плажите, од буржоазијата до лумпенпролетаријатот, интервјуирајќи случајни минувачи и неслучајни интелектуалци за ставот кон сексот.

Инаку, фестивалската програма ги вклучува ретроспективата, компетитивните селекции на краткометражен и на долгометражен филм, селекцијата на видеоесеи, придружната и едукативната програма, како и ревијалната програма – „Филм-философија“, со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и на филозофското. Селектор на долгометражните филмови (ОСД) е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови (ОСК) е д-р Дејан Здравков, а селекторка на видеоесеите (ВЕ) е м-р Ивана Мирчевска.

Во официјалната селекција на долгометражни филмови годинава ќе бидат претставени пет наслови што се натпреваруваат за наградата „Златен був“. Тоа се: „Последен здив“ во режија на Коста Гравас (23 мај), во кој преку спонтан филозофски дијалог, докторот Augustin Masset и писателот Fabrice Toussaint водат расправа за животот и за смртта; „Универзален јазик“ на Метју Ренкин, (24 мај), кој ја истакнува нашата различност наоѓајќи невидливи нишки што нè поврзуваат; „Новата година што никогаш не дојде“ на Богдан Мурешану (25 мај) – потресна и духовита анализа на општеството и на  психолошката состојба на главните јунаци, чии животи се испреплетуваат непосредно пред падот на режимот на Николае Чаушеску; „Шамбала“ на Мин Бахадур Бам (26 мај), кој мајсторски мешајќи ги традицијата и модерноста, отсликува една непозната и ретка култура, шетајќи низ маѓепсувачките пејзажи на Хималаите и „Паноптикон“ на грузискиот режисер Џорџ Сихарулидзе (27 мај), за интровертен тинејџер што ќе се најде затечен пред темелните животни искушенија. Сите проекции започнуваат во 21:00 часот.

Во конкуренција за „Златниот був“ за најдобар краткометражен филм ќе бидат прикажани 15 остварувања, распределени во две филмски вечери од 18:00 часот, на 23 и на 26 мај. Жирито го сочинуваат Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија), кои ќе одлучуваат за наградите во официјалните конкуренции на долгометражни и на краткометражни филмови.

Селекција на видеоесеи, пак, публиката ќе може да ја проследи на 28 мај од 18:00 часот. Еден од видеоесеите е „Дневникот на едно небо“, во кој Лоренс Абу Хамдан го користи звукот како политички и форензички инструмент. Филмот сведочи за милитаризацијата на небото и нè изложува на звучна војна што не експлодира, туку тлее незабележлива, долготрајна и смртоносна. Потоа е „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман. Дел од селекцијата е и „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер, кој прикажува недопрени пејзажи, придружени од звукот на водата и од свиркањето на ветрот. Четвртиот видеоесеј што ќе се проектира е „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле, кој ги разгледува средбите меѓу автомобилот на Google Street View и животните како пајаци, магариња и кучиња.

Програма со која публиката се потсетува на култните филмови е ревијалната – „Филм-философија“ и вклучува излагања од специјални гости. На 24 мај е надреалистичкиот нео-ноар „Изгубениот автопат“ на Дејвид Линч, на чија проекција излагање ќе има Озер Озкантар од Турција, на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“. Потоа (27 мај) е „Светите невини“ на Марио Камус, за кој ќе зборува Марио Ередеро Кампо (Шпанија) на тема „Каде лежи злото“. Проекциите се од 18:00 часот.

Во рамките на придружната програма, во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турскиот краткометражен филм, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Ќе бидат прикажани три филма: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. За нив е резервирана проекцијата од 18:00 ч. на 25 мај, а Сердар Озтурк ќе има излагање и дијалог со публиката.

Фестивалот ќе се затвори со едно од последните дела во плодниот уметнички опус на Дерек Џарман, „Витгенштајн“. Во овој филм е претставена драматизацијата на животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951) преку неколку сцени од неговата биографија, визуализирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон. Притоа публиката ќе може да го слушне постхумното видеоизлагање на Ернесто Ередеро дел Кампо, насловено „Витгенштајн и филмот“.

ФФФ е во организација на Филозофското друштво на Македонија и се одржува со поддршка од Агенцијата за филм, како и во соработка со Филозофскиот факултет и Кинотеката. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ