Во големата сала на Националната опера и балет, в недела на 15 јуни, во 20 часот, македонската публика ќе ужива во уникатното аудиовизуелно патување низ најдобрите музички мигови од филмската кариера на еден од највлијателните композитори на нашето време – Кирил Џајковски.
За првпат во живо, во придружба на голем 30-член филмски оркестар, под диригентската палка на Емин Џијан и врвни солисти Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов, ќе биде изведена музика од култни домашни и меѓународни филмови. Присутната публика ќе има можност да ја слушне музиката од „Големата вода“ – добитник на награда за најдобра филмска музика во Валенсија, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „ Piargy“ “– добитник на награда за најдобра филмска музика во Букурешт, „Трето полувреме“ и многу други. Ќе бидат изведени легендарните музички теми кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања.
Концертот претставува ретроспектива на 25-годишното композиторско творештво за филм на Џајковски – музичко патување што не се пропушта.
Кирил Џајковски, освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, тој е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Неговата визија и неговите исчекори се секогаш пионерски патокази за правците на развој на новите музички форми.