Три филма на нашиот најтрофеен режисер, Милчо Манчевски, деновиве имаат проекции на разни меридијани. Најпрвин беше прикажан „Кајмак“ во Калкута, Индија, на 9 септември, како дел од Европскиот филмски фестивал. „Прашина“ се прикажува овој, а и идниот месец, во повеќе градови во Хрватска, во организација на македонската Кинотека. „Пред дождот“ ќе биде прикажан во Париз, на Универзитетот „Сорбона Нувел“, во соработка со фестивалот „Астер“, на 3 октомври.

Сите три филма се македонски копродукции („Пред дождот“ со Велика Британија и Франција, „Прашина“ со Велика Британија, Германија и Италија, а „Кајмак“ со Данска, Холандија, Хрватска и Албанија).

Главните улоги во „Пред дождот“ (1994) ги играат Раде Шербеџија, Катрин Картлиџ, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Петар Мирчевски и Љупчо Бреслиски, во „Прашина“ (2001) Дејвид Венам, Џозеф Фајнс, Роузмари Марфи, Адриан Лестер, Владо Јовановски и Николина Кујача, а во „Кајмак“ (2022) Сара Климоска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ и Филип Трајковиќ. Сите три филма досега се дистрибуирани во повеќе земји во светот и се дел од наставните програми на повеќе светски универзитети.

ИЗДВОЕНИ