– ИФФК „Браќа Манаки“ е наша гордост и оваа година ќе имаме исклучително и доста возбудливо издание, со квалитетна програма, вели директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски. Како што е познато, Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, своето 46. издание годинава ќе го одржи од 20 до 26 септември, а македонски филмови ќе го означат неговиот старт, но и вечерта на затворањето. На свеченото отворање во Битола ќе биде прикажан „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој имаше светска премиера во Венеција, во програмата „Хоризонти“, а на затворањето ќе има проекција на наградуваното филмско остварување „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.
– Ова е фестивал на кинематограферите и најважна е визуелната естетика. И тоа е првиот критериум според кој ги проценуваме филмовите во текот на 12 месеци помеѓу едно и друго издание на фестивалот. Годинава имаме избор од филмови од најрелевантните филмски фестивали, добитници на награди, вели Слаѓан Пенев, селекторот на главната натпреварувачка програма Камера 300.
Во рамките на оваа селекција, публиката ќе може да ги погледне остварувањата: „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, кинематографер Виржини Сен Мартан, „Диџеј Ахмет“ во режија на Ѓорѓи М. Унковски, кинематографер Наум Доксевски, „Сништа (секс, љубов)“ во режија на Даг Јохан Хаугеруд, кинематографер Сесили Семек, „Сират“ на Оливер Лаше, кинематографер Мауро Херсе, „Одмазничка“ на Доминик Седлар, кинематографер Дејвид Мекфарланд, „Ѓаволот пуши (и ги чува изгорените кибритчиња во истата кутија)“ во режија на Ернесто Мартинез Бусио, кинематографер Одеи Забалета, „Сè уште сум тука“ во режија на Валтер Салес, кинематографер Адријан Теихидо, „Посетител“ – режија и кинематографер Витаутас Каткус, „Мирен живот“ во режија на Александрон Авранас, кинематографер Олимпија Митилинау, „Нов бран“ на Ричард Линклејтер, кинематографер Давид Шамбиј и „За паѓањето“ на Лаура Кареира, кинематографер Карл Киртен.
За филмовите во официјалната селекција ќе одлучува жири комисијата во состав: Денис Ленуар, претседател на жирито, Астрид Хојбрантнер, кинематограферка, Валерио Карузо, директор на веб-страницата „Синеуропа“, Асја Крсмановиќ е босанска сценаристка, драматург и истакната програмерка на филмски фестивали и Митко Панов, филмски режисер. Комисијата ќе ги додели главните фестивалски награди – златна, сребрена и бронзена Камера 300.
Марија Апчевска, заедно со Атанас Велковски, пак, ја селектираа интернационалната краткометражна програма.
– Годинава ќе бидат претставени 14 наслови од целиот свет. Како и досега во оваа програма, ќе има и македонски филм „Нова енергија“ на режисерите Сара Климовска и Радован Петровиќ, а ќе биде прикажана и нашата копродукција, филмот „Лојнес“, кој имаше премиера на годинашниов Кански фестивал, вели Апчевска.
За оваа селекција ќе одлучува жирито во состав: Тудор Владимир Пандуру, кинематографер, Марко Брдар, кинематографер и Марија Џиџева, режисерка.
Кумјана Новакова e селекторка на документарната натпреварувачка програма на „Браќа Манаки“. Програмата ќе претстави 8 филмски остварувања од цел свет, како и од нашиот регион, а кои презентираат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми.
– Посебно за оваа година е што програмата обединува долгометражни и кратки, односно среднометражни филмови. Документарниот филм е простор на експериментирање во и со формата, и од тие причини се враќаме на правилото дека во оваа натпреварувачка програма подеднакво внимание заслужуваат филмовите со сите траења, и сите се во конкуренција за „Железната камера 300“: 4 среднометражни (со траење од 20 до 30 минути) и 3 долгометражни (со траење над 70 минути), вели Новакова.
За „Железна камера 300“ ќе одлучува жирито составено од тројца членови: Лара Виланова, Карла Црнчевиќ и Роберт Јанкулоски.
Ханис Багашов ја селектираше студентската програма.
– Студентската програма обединува филмови од млади автори од филмските училишта низ Европа и пошироко. Секој филм носи свој посебен израз, а заедно прават живописен мозаик од перспективи, култури и традиции на визуелно раскажување. Од интимни и лични приказни до формално смели експерименти, овие филмови не само што ја откриваат креативноста на една нова генерација, туку и ја истакнуваат суштинската улога на кинематограферите во обликувањето на значењето, атмосферата и емоцијата на филмот, вели Багашов.
Годинашни лауреати на фестивалот се: иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи – кој е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, специјалните награди „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност ги добија американскиот кинематографер Воли Фистер и турскиот режисер Семих Капланоглу, а наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му припадна на македонскиот композитор Кирил Џајковски.