– Ме интересира оној висок општествен круг на луѓе кои имаат моќ да носат одлуки. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Заплетот на приказната е тој фатален 27 април 2017 година, но во принцип филмот се занимава со прашањето што после тоа? Филмот е едноставна приказна, зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците од одлуките што ги носат т. н. глави на семејствата – татковци – мажи на извесна возраст. Ова е филм посветен на сите оние жени што во Македонија се подготвени да ги одбранат, заштитат своите семејства и својата заедница, рече режисерот Јани Бојаџи, најавувајќи ја премиерата на својот нов филм „Утре наутро“

Mакедонскиот долгометражен филм „Утре наутро“ по сценарио и режија на Јани Бојаџи својата премиера пред македонската публика ќе ја има на 19 ноември во киното „Синеплекс“, а веќе од наредниот ден ќе започне неговото киноприкажување низ целата земја. Во најавата на филмот на „Синеплекс“ стои: „Аида, млада лекарка е силувана од нејзин постар колега, влијателен и богат хирург. Корумпираниот суд ја отфрла нејзината тужба со образложение дека за време на настанот таа не давала доволно силен отпор. Јоана Пеласка, сопругата на поранешниот премиер и нејзините деца, пак, се прогонувани заради видеофајл на кој се гледа што се случило во нивната куќа вечерта кога американскиот амбасадор оттаму ќе украде мала бронзена античка фигурина на која е претставено ‘Силувањето на Европа’…“.

– „Утре наутро“ е политичка драма, зборува за луѓето што носат одлики, поточно за одлуките со чии последици се соочуваат сите. Одлуки кои ги уништуваат прво нивните семејства, а потоа целата заедница, рече на денешната прес-конференција режисерот Бојаџи, на која го најави својот нов филм.

Како што додаде, во филмот ги опсервира луѓето кои носат одлуки без да се свестат дека други ги сносат последиците од тоа.

– Ме интересира оној висок општествен круг на луѓе кои имаат моќ да носат одлуки. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Заплетот на приказната е тој фатален 27 април 2017 година, но во принцип филмот се занимава со прашањето што после тоа? Филмот е едноставна приказна, зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците од одлуките што  ги носат т. н. глави на семејствата – татковци – мажи на извесна возраст. Ова е филм посветен на сите оние жени кои во Македонија се подготвени да ги одбранат, да ги заштитат своите семејства и својата заедница, наспроти нивните мажи, кои уплашени од сопствената неспособност не прават ништо, додаде Бојаџи истакнувајќи и дека филмот се темели на актерската игра.

Како што беше кажано, снимањето траело околу 75 дена, а во него играат преку 75 актери. Една од главните улоги толкува актерката Нина Деан.

– Во градењето на ликот тргнав од аспект на една жена и што ѝ се случува нејзе, без разлика која е и чија жена е. Тоа е лик што претходно има лесен живот, но потоа почнуваат да се случуваат работи кои ја дестабилизираат нејзината социјална маска. Тоа е приказна како една жена пропаѓа, за повторно да се роди како поинаков човек. Ова е една тешка приказна, но филмот, во суштината, се занимава со добри и лоши луѓе, беа разлика на нивната националност или политичка определеност. Кога го читав сценариото, концептот многу ми се допадна. Бидејќи авторот на сценариото критикува сè што смета дека треба, но не штеди некоја страна, така што е правично, рече Деан.

Инаку, во филмот се зборува на македонски и на ромски јазик, а дел од актерската екипа со наставник го учела ромскиот јазик.

Ирена Илиевска го толкува ликот на Аида Мерџановска, Ромка по националност, лекарка.

– За потребите на ликот учев ромски, се подготвуваме долго време. На Јани му реков дека ми е страв, бидејќи јазикот воопшто не го познавам, но тој рече дека тоа е најмалиот предизвик со кој ќе се соочам при градењето на ликот. И по поголема дистанција од снимањето потврдувам дека навистина најмалиот предизвик беше да го совладам јазикот. Втората работа е што ликот на Аида, како хероина на приказната има свој негативец, кој обично е човек, но во нејзиниот случај – тоа е системот. Аида се бореше со цел систем. Тоа беше најголемиот предизвик – да научам како се игра кога антагонистот е целиот систем, посочи Илиевска.

Во „Утре наутро“ еден од главните ликови игра и Бајрам Северџан, која истакна дека е добро што во овој филм Ромите се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и со тоа се избегнува стереотипот за бедата и за сиромаштијата која се поврзува со оваа заедница.

–Токму тоа ми беше голем поттик и задоволство да го толкувам ликот во овој филм. Сакам да истакнам и дека многу сум среќен што колегите навистина го совладаа ромскиот јазик, бидејќи бев скептичен кога го читав сценариото. Што се однесува до сценариото, исто така сум многу задоволен со сите измени кои се направија за правдината да излезе на крај на еден многу елегантен начин, рече Северџан.

Кети Дончевска Илиќ, пак, ја толкува улогата на сопруга на Бајрам Северџан, а Аида и е ќерка.

– Јас цел живот играм на македонски јазик и навистина беше голем предизвик за мене да глумам на ромски. Кога ги учев репликите по пробите, во неколку наврати сакав да се откажам. За актер кому му е природно да глуми на свој мајчин јазик, навистина беше сериозен предизвик, но истовремено беше убав предизвик и драго ми е што не се откажав, особено што поминав прекрасен процес, запознав прекрасни луѓе со кои досега не сум работела и мислам дека завршивме одлична работа, рече Дончевска Илиќ нагласувајќи дека ѝ е особено драго што женските ликови во филмот се силни и доминантни, сигурни во себе, што знаат што сакаат и не се откажуваат.

И актерот Васил Зафирчев говори ромски. Рече дека е навистина среќен поради филмот, бидејќи како што посочи, толку малку се снима што бескрајно се радува на секој обид кој резултира со реализација на нов проект.

–По ТВ-серијата „Бистра вода“ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Заради тоа што првпат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е случај со ромската заедница, ромската култура, традиција, начинот на размислување, дејствување… Предизвикот беше дотолку поголем што толкувам лик кој се вика Рустем и кој станува некаква референтна точка на оваа парадигма која е земена за наслов на филмот. Односно, некаква светла точка за тоа дека навистина е можно утре да биде подобро. Тој е претставник на ромската заедница кој успева да изгради успешна кариера во Италија и сите позитивни искуства се обидува да ги пренесе во Македонија, каде формира мала задруга за производство на органско овошје и зеленчук. Една убава, светла приказна, така што ликот на Рустем станува персонификација на разумот, на стабилноста, на лојалноста, на вербата и на некој начин станува утеха на главната хероина во сите премрежиња со кои се соочува, додаде Зафирчев. Истакна и дека најсилната порака на филмот е што сите ние сме дел од тие процеси и дека секој од нас низ своите индивидуални постапки може да ја чини таа глобална слика.

Останатите улоги во филмот ги толкуваат Благој Веселинов, Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Горан Стојановски, Роберт Велјановски, Јана Велјановска, Димитрина Мицкоска…

Извршниот продуцент Дејан Милошевски на прес-конференцијата рече дека иако започнале да снимаат серија во пет продолженија, кога ја завршиле, заклучиле дека имаат филм.

– Освен филмот, имаме пет долгометражни епизоди од 55 минути за серијата. Засега, во однос на фестивалските учества на филмот, имаме само едно, за кое не можеме да соопштиме името, но за сè што е ново ќе известуваме, додаде Милошевски.

Музиката во филмот е на режисерот Бојаџи, кој рече дека е минималистичка бидејќи е создадена со еден ут и еден женски вокал. Филмот е во продукција на „Синемон медија фактори“, „Револушн продакшн“ во соработка со Национална телевизија Алфа и не е поддржан од Агенцијата за филм. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ