Филмот „Павилјон“ е црна комедија за група жители на дом за стари лица, кои по години понижувања и злоупотреби, решаваат да подигнат вооружен бунт. Вооружени со нелегални средства, тие окупираат дом, земаат персонал како заложници и влегуваат во конфликт со властите… Заедно со Мето Јовановски во ова остварување играат и Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Миралем Зубчевиќ, Ксенија Пајиќ, Јасна Диклиќ, Мирјана Карановиќ, Ермин Браво и Албан Укај
Македонската копродукција, филмот „Павилјон“, на режисерот Дино Мустафиќ во која една од главните улоги ја толкува еминентниот македонски актер Мето Јовановски, на 15 август ќе го отвори годинешното 31. издание на Сараевскиот филмски фестивал, еден од најзначајните филмски настани во регионот. Ова остварување, кое предизвика голем интерес кај љубителите на филмската уметност, ќе ја има својата светска премиера на фестивалот.
Како што велат од Агенцијата за филм на Македонија, филмот, кој започна да се снима пред две години, се одликува со исклучителна актерска екипа од целиот Балкан, па така заедно со Мето Јовановски во ова остварување играат и Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Миралем Зубчевиќ, Ксенија Пајиќ, Јасна Диклиќ, Мирјана Карановиќ, Ермин Браво и Албан Укај.
Филмот „Павилјон“ е црна комедија за група жители на дом за стари лица, кои по години понижувања и злоупотреби, решаваат да подигнат вооружен бунт. Вооружени со нелегални средства, тие окупираат дом, земаат персонал како заложници и влегуваат во конфликт со властите…
–„Павилјон“ е копродукција во која учествува и нашата земја, преку продукциската куќа „Круг Филм“, заедно со партнери од Босна и Херцеговина „Панглас“, Хрватска , Србија и Црна Гора. Овој проект е уште една потврда за важноста на регионалната соработка и за активното учество на македонскиот филмски сектор на меѓународната сцена. Чест е што македонски филмски професионалци се дел од отворањето на 31. издание на Сараевскиот фестивал, со филм кој преку хумор и храброст се осврнува на општествените прашања и личната совест. Со нетрпение го очекуваме прикажувањето на „Павилјон“ и ѝ честитаме на целата екипа за овој значаен успех, велат од македонската Агенција за филм.
Остварувањето е по сценарио на Виктор Иванчиќ и Емир Имамовиќ-Пирке.
Инаку, режисерот Мустафиќ во својата кариера има постигнато големи успеси како со филмската, така и со театарската режија, а неговата претстава „Хелверовата ноќ“ на Камерниот театар 55 од Сараево е запишана во историјата на босанско-херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 интернационални признанија.
Фото: Сарајево филм фестивал