Најдобар филм на деветтото издание на Дрим Шорт во Струга е „О“ на Рунар Рунарсон, соопштија од фестивалот.
Филм кој се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој не те остава рамнодушен, е образложението на жири комисијата во состав Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски.
Одлуката жирито ја донело едногласно, а О“ на Рунарсон е прогласен и за најдобар филм во Интернационалната категорија на фестивалот.
Годинешното жири ги додели и следните награди: најдобар студентски филм е „Невидлива сестра“ на Нели Рајала – „поетска и длабоко емотивна приказна која го истражува сложениот однос меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсутноста во човечките врски“; најдобар во регионалната програма „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу – „сатирична краткометражна драма во форма на мокументарец – единствен по својот стил и со силен сатиричен пристап“; најдобар филм од македонската програма и специјално признание доби „Зајак“ на Ханис Багашов – поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и режијата; најдобар филм, пак, од националната програма е „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски – прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој преку тинејџерски ликови, зборувајќи за љубовта, а за најдобар филм во категоријата Соочување со минатото, пак е прогласен „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Сљепчевиќ – кој со суптилен и зрел пристап ја покажува војната без директно да ја прикаже.
За најдобар филм, пак, од публика бил изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески.
Како што посочуваат организаторите на фестивалот, во изминатите денови проследивме 29 филмови во 6 категории, работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастер-клас со Никола Ристановски, филмска програма во склоп на катчето за Виртуелна реалност, мастер-клас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, еко-филмска програма во соработка со Еко-свест и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу Шорт“.
Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка ОФФ програма со диџеј сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков.
Фотографии: Кристина Затуроска