Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар- Митевска е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 38. Интернационален филмски фестивал (TIFF), кој ќе се одржи од 27 октомври до 5 ноември, во Токио.

Доктор Андријана Цветковиќ, филмски режисер, професор и поранешен амбасадор, која е сениор програмски директор на фестивалот трета година по ред, истакна дека дигиталното кино и вештачката интелигенција отвораат нови можности за женските автори, но дека родовиот дисбаланс во индустријата останува сериозен предизвик.

Таа е куратор на „Women’s Empowerment Section“, која оваа година вклучува седум филма и три панел-дискусии посветени на режисерките и на женските филмски фестивали.

– Нашата мисија е да изградиме простори каде што жените ќе може да се поддржуваат и „менторираат“ една со друга и да бидат признати како интегрален дел од глобалната кинематографија – посочува Цветковиќ.

Селекцијата е дел од нејзината програмска работа, а во 2021 таа беше и член на официјалното жири.

Според фестивалскиот претседател, Хиројасу Андо, ова издание има тристран фокус: унапредување на родовата еднаквост, поддршка на новите таленти преку новата програма „Asian Students’ Film Conference“ и развивање на просторот за дијалог „TIFF Lounge“, кој оваа година ќе го донесе разговорот помеѓу Јоџи Јамада и Ли Санг Ил, добитник на наградата „Куросава Акира“.

Инаку, со селекцијата на „Мајка“ и со активното учество на д-р Андријана Цветковиќ како програмер и културен амбасадор, Македонија останува присутна на една од најпрестижните филмски сцени во светот, со јасно изразен културен глас и со континуирано учество во глобалниот филмски дијалог.

Преку својата улога во програмскиот тим на TIFF, Цветковиќ континуирано придонесува за видливоста на македонската кинематографија на оваа престижна светска сцена.

Благодарение на нејзиното залагање, во изминатите години, во програмите на фестивалот беа прикажани „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Кајмак“ на Милчо Манчевски, а годинава и „Мајка“ на Теона Митевска, што претставува редок континуитет за една мала кинематографија како македонската.

Филмот „Мајка“ ја раскажува интимната и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, во 1948 година, во мигот кога чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога е светски познатата актерка Номи Рапас, која ја толкува Мајка Тереза.

Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарaгиќ.

 

ИЗДВОЕНИ