петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Филков: Ова не е изолиран скандал, туку доказ за длабока системска слабост

Филков: Ова не е изолиран скандал, туку доказ за длабока системска слабост

41

Триста и педесет илјади евра, скриени и соѕидани во ѕид, пронајдени во домот на апелационен судија – случај што ја шокираше јавноста, повторно го отвори прашањето за состојбата во македонското правосудство. Според министерот за правда, Игор Филков, ова не е само скандал, туку симбол на длабока системска слабост и на култура на неказнивост, која со години ја разјадува довербата во судството.

На прес-конференција, Филков порача дека ваквите појави не смеат да се релативизираат, особено кога предмети за висока корупција со години остануваат без судска разрешница.

„Кога очигледни сомневања не добиваат институционален одговор, граѓаните со право прашуваат – каде е правдата?“, истакна министерот, додавајќи дека функцијата судија треба да биде во служба на граѓаните и на правдата, а не привилегија.

Министерот укажа дека довербата во судството и во Обвинителството е сериозно нарушена, што го потврдуваат и истражувањата за перцепцијата на корупцијата. Тој посочи и на сериозни слабости во функционирањето на Обвинителството, како што се недоволната ефикасност, ограничените капацитети и недостигот од решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.

Според Филков, проблемите се системски и не се однесуваат само на поединечни случаи, поради што Министерството за правда пристапило кон утврдување на фактичката состојба на терен и кон преземање конкретни мерки.

Па така, со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители се воведува годишен прием врз основа на реални потреби, одделни јавни повици за судии и јавни обвинители, како и мерит-систем за избор и распоредување на најквалитетните кандидати. Тој потсети дека во текот на 2024 и 2025 година бил спроведен надзор во сите судови во државата, при што било утврдено дека пополнетоста на судските места изнесува околу 67 проценти, а на судската служба само 36 проценти. Овие бројки, како што рече, значат одложени рочишта, натрупани предмети и сериозен ризик за повреда на правото на фер судење.

Како одговор на состојбата, Министерството за правда доставило барање до Министерството за финансии за итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба, со цел обезбедување функционалност и ефикасност на правосудниот систем. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ