Можеби е дојдено време да се ревидира Бадентеровото мнозинство, Македонија мора да оди напред, смета министерот за правда Игор Филков.
Во интервјуто, објавено во денешниот број на неделникот „Фокус“ тој одговори на прашањето врзано за донесувањето на Изборниот законик во македонското Собрание. Новинарското прашање се однесуваше на тоа дали ќе има време да се донесат измените во Изборниот законик за да се овозможи учеството на независните кандидати на изборите. Односно, дека експертите предупредија дека во спротивно изборниот процес може да биде прогласен за нелегален, оспорувајќи го толкувањето на премиерот Мицкоски и ДИК, дека нивното учество е регулирано со подзаконски акт.
Интервјуто е водено пред саботното гласање во македонското Собрание на кое не се изгласаа измените во Изборниот законик.
На ова министерот Филков одговори дека доколку измените во Изборниот законик
-Се надевам дека до објавувањето на ова издание, Собранието веќе ќе ја има завршено домашната рабвота и нема да дозволи да се создаде правен вакуум. Но, доколку тоа не се случи, значи употребата Бадентеровото мнозинство се злоупотребува. Ако е така, тогаш можеби е дојдено време да размислиме за потребата тоа да се ревидира. Македонија мора да оди напред – одговори Филков.
Тој не одговори во која насока би одело можното менување на Бадентеровото мнозинство.
Познато е, измените во Законикот не се донесоа поради ставот на ДУИ чии пратеници беа против и со што не можеше да се исполни Бадентеровиот принцип.
На ова уште синоќа имаше реакции од таборот на ДУИ. Потпретседателот на ДУИ и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир Бујар Османи на својот профил на Фејсбук реагира и напиша дека „Со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор“. (Б.Ѓ.)