На граѓанската трибина во Демир Хисар, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, истакна дека за реализација на програмата и визијата која ја која ја нуди СДСМ за општина Демир Хисар, го имаат најдобриот кандидат за градоначалник, Златко Кузмановски.
„Верувам, и стојам одговорно зад тоа, дека Златко ќе ја води општина Демир Хисар чесно, со интегритет и со почит кон секој граѓанин. Тој ќе отвори нова страница за Демир Хисар, страница на развој, можности и напредок“, рече Филипче.
Тој додаде дека Кузмановски е народен човек, кој е постојано меѓу своите сограѓани и дека ги разбира нивните потреби и секојдневни предизвици.
„ Тој ќе биде постојано на терен, меѓу граѓаните, секогаш подготвен и достапен и секогаш подготвен да слушне и да решава. Тој ја познава секоја мака на оваа општина и има волја и план да се справи со сите проблеми тука во Демир Хисар“, посочи Филипче, укажувајќи дека Кузмановски е човек кој ја заслужува довербата да ја води општина Демир Хисар.
Лидерот на СДСМ, д-р Филипче нагласи дека на овие избори граѓаните избираат повеќе од партија – избираат иднина и дом кој ќе им го оставиме на нашите деца.
„На деветнаесетти октомври, имаме можност да кажеме доста на лагите, на неправдата и на лажниот патриотизам. Има можност да избереме чесни луѓе, луѓе со интегритет кои ќе одговараат пред вас, граѓаните. Сите заедно да излеземе и да покажеме дека се бориме за нашиот дом – за Демир Хисар, за Македонија и за сигурна и просперитетна иднина,“ порача Филипче.