Жалам што претседателката на државата избрала да застане на страната на најкорумпираната и криминална влада во историјата на држава и во овој момент во Европа, изјави денеска Венко Филипче, лидер на опозицискиот СДСМ. Оценувајќи го годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, тој рече дека таа ѝ дала поддршка на Владата да ја води Македонија кон изолација и дека европската приказна за нас е завршена без реформи и дека следува голема криза.
–Жалам што претседателката не застана на страната на мнозинството граѓани кои сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа. Жалам што не застана на патот на вистинските реформи, да ги поддржи, туку само некои квази реформи, некои делумно изменети закони што оваа влада ги претставува како вистинска реформа, а тоа не е тоа. И затоа што, посебно законите во правосудството ќе овозможат само дополнителна партизација, поставување на свои партиски обвинители, партиски судии, еден процес што веќе го започна, сè со цел да продолжат коруптивните практики и крадењето на парите на граѓаните – нагласи Филипче.
Тој додаде дека следува голема криза бидејќи со поскапувањето на струјата, ќе поскапи сè. Наведе и тоа дека нема договор за пораст на платите и дека има огромен проблем со буџетот, чиј минус од милијарда евра ќе се пополни со нови задолжувања што следуваат следната година.
–Сѐ на сè, очигледно е дека претседателката дава поддршка оваа влада да ја носи земјата во изолација, да бидеме црна точка во Европа, во која според европските институции, тука владее српскиот свет, а гледаме каков резултат дава тоа – нагласи Филипче.












