Филипче обвини дека Македонија ќе прими мигранти, Мицкоски вели – нема такво нешто!

222

Со новото задолжување од 6 милијарди евра, јавниот долг на државата ќе скокне на 115% од БДП, укажува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

– Според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија. Тоа значи дека секое новороденче во следните 25 години непосредно по раѓањето ќе должи 6.000 евра – истакна Филипче.

Тој смета дека договорите ќе бидат скриени од очите на јавноста и во четири очи.

– Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка, нема да важи законот за јавни набавки. ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи.Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис – истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ рече сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија.

– А премиерот молчи, нема став – рече Филипче.

Демантирајќи ги наводите на Филипче, премиерот Христијан Мицкоски потенцира дека стратешкиот договор не предвидува прием на мигранти и дека истиот ќе биде презентиран во Собранието.

– Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема. Амбасадорот на Обединетото Кралство беше многу јасен оти нема таква работа. А таа тема се наметна откако во Албанија беше потпишан договор меѓу тамошниот премиер и премиер на една земја во Европската унија за изградба на кампови каде што Албанија ќе прими неколку десетици илјади мигранти. Аналогно на тоа таа тема се пренесе тука, но таа тема е затворена. Јас разбирам дека дел од опозицијата и малкумината нивни поддржувачи се обидуваат да растурат пердуви мислејќи така дека ќе го оцрнат овој стратешки договор и дека ќе нанесат штета на имиџот и работата на владата – дециден е Мицкоски.

Премиерот истакна дека стратешкиот договор ќе ќе биде презентиран во македонското Собрание, пред пратениците.

– Ние шверцерски ништо не носиме, не злоупотребуваме европско знаме, ќе видат пратениците се што следи од тој проект, изградба на пруга што ќе ги поврзи Табановце со Гевгелија, реконструкција и модернизација на пругата, завршување на Клинички центар во Штип заедно со зграда за Медицински факултет и Студентски дом, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничка болница во Тетово. Тука не застануваме бидејќи имаме најмалку уште 60 проценти од рамката што ни е на располагање. На ваков начин се гради државата, наместо како што беше во минатото кога се крадеше – посочи Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ