Филипче најави нови бомби и ја повика Ковеши во Македонија

0

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави нов пакет „бомби 2.0“ со кои ќе се обелоденат скандали за злоупотреби на власта. На прес-конференција информираше дека партијата формирала антикорупциски тим и ја повика европската главна истражителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија и да се запознае со злоупотребите на европските фондови, особено ИПАРД програмата.

„Овде се загрозени 130 милиони евра. Наместо одговорност по апсењето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка, гледаме само спинови и префрлање вина врз опозицијата“, изјави Филипче.

Филипче нагласи дека според нивните сознанија, злоупотребите ги вршеле лица блиски до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Очекуваме со вклучувањето на Лаура Ковеши овој скандал конечно да се расчисти. Македонија не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ да се играат со европската иднина и фондовите наменети за подобар живот на граѓаните“, додаде тој.

Лидерот на СДСМ порача дека располагаат со документи за сериозни злоупотреби и најави иницијатива до антикорупциските институции во Италија, кои со години се бореа против „Коза ностра“. „Ако тие се справија со нив, можеме и ние да се справиме со оваа мафија на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.

Ваквите најави следат по жестоки полемики меѓу власта и опозицијата за корупциски скандали. ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за отписот на 2.000 тони жито. Според нив, „триото Заев, Филипче и Николовски во ек на криза функционирало како врзан систем на крвни садови, креирале коруптивна шема и директно ја загрозиле националната безбедност со игрите со стоковите резерви, со отписот и купувањето прескапа пченица“.

ИЗДВОЕНИ