Христијан Мицкоски ја изолира Македонија од Европа, а кога системот се распаѓа и нема резултати, власта ги буди духовите од минатото, меѓунационалната омраза и тензиите, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„Христијан Мицкоски изгради ѕид околу Македонија и сега тој се претставува како главниот заштитник во рамките на таа тврдина, на јазикот, идентитетот и така натаму. А времето покажува дека сето тоа е веќе заштитено со договорите коишто биле постигнати во наше време“, рече Филипче.
Филипче истакна дека Мицкоски со години гради политика на страв и наводна загрозеност на македонскиот јазик и идентитет, иако тие прашања се веќе заштитени со договорите постигнати во времето на СДСМ.
Цената на ваквата политика е изолација на државата од европскиот развој и перспективата што ја сакаат граѓаните.
„Надвор од тој ѕид е Европа, развојот, надвор од тој ѕид е тоа што граѓаните го сакаат“, потенцираше претседателот на СДСМ.
Филипче предупреди дека кога власта нема резултати и системот се распаѓа, се посегнува по старите методи на поделби и меѓуетнички тензии.
„Што се случува кога се распаѓа системот и повеќе нема пари, а до тоа нè донесе оваа Влада? Се будат духовите од минатото, меѓунационална омраза, тензии и тоа е сè што сега се случува. Ништо друго“, рече Филипче.












