Кој оди на состанокот којшто го иницира премиерот Мицкоски е поддржувач на изолацијата на земјава и дава легитимитет на сите антидржавни политики. И што е најлошо, дава легитимитет на криминалот и на корупцијата, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот брифинг.
Тој јасно посочи дека кој оди на таков состанок јавно се декларира дека е соработник на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.
-За ЗНАМ тоа сите го знаат, одамна е јасно. Тендер е коалиција на плаќање, на уцена. Нивната соработка е веќе јасно дефинирана. Тоа нашиот антикорупциски тим секојдневно го образложува и го обзнанува. Време е да се знае кој е за Македонија, а кој е за криминал и корупција. Да знаеме кој е за изолација, а кој е за прогрес и за интеграција. И поради сето тоа за нас Европската Унија нема алтернатива – посочи Филипче.
Инаку, лидерот на опозициските социјалдемократи денеска уште еднаш порача дека „средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане“.
-Таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес – рече тој.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
-Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“












