Протестот на камионџиите, кои денеска ги блокираат граничните премини кон ЕУ, беше повод пратеникот Антонио Милошоски да побара од кипарскиот амбасадор во Македонија, Андреас Фотиу, темата да се стави на дневен ред во Брисел. Фотиу денес ги претставуваше приоритетите на кипарското претседателство со ЕУ, но Милошоски истакна дека земјата не презема конкретни мерки за продолжување на преговорите со Унијата.
И овој настан не мина без партиска размена на стрели. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седница на Националниот совет за евроинтеграции, потенцираше дека граѓаните повторно ќе го платат цехот и ќе ги почувствуваат последиците од лошите политики на Владата. Тој, порача дека утре граѓаните и економијата конкретно ќе го почувствуваат ограничувањето на движењето на нашите превозници со воведувањето на новиот електронски систем од Европска Унија.
Тој го нарече министерот за транспорт Александар Николоски „независен аналитичар“, истакнувајќи дека тој само предупредува за економскиот колапс што може да следи од воведувањето на новиот електронски систем на ЕУ, но не презема конкретни акции за решавање на проблемот.
– Нашите граѓани и економија ќе го почувствуваат ограничувањето на движењето на превозниците. Над 60–70% од нашата економија е поврзана со ЕУ, а граѓаните ќе го платат цехот за овие лоши владини политики – рече Филипче.
(С.Бл.)












