Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
„Патриотизам е да обезбедиш неповратни европски грантови за развој на државата, а не сомнителни кредити со камати кои ќе ги враќаме со децении, а од кои досега не гледаме ништо суштинско”, посочи Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека граѓаните се најважното политичко семејство во Македонија, дека тие гласно и јасно сведочат за застранувањето на власта која очигледно прерано го изгуби тлото под нозете и која се води исклучиво од партиски интереси, и дека токму од оваа состојба произлегува потребата за побрза консолидација, зајакнување на меѓусебната солидарност и здружување на силите во борбата за заштита на заедничкиот дом на граѓаните.
„Зад мене стојат нашите кандидати за градоначалници и советници, луѓе што живеат чесно, работат чесно и ќе служат чесно, професионалци, активисти, наставници, лекари, инженери, претприемачи, лица со интегритет, и токму од нив барам на овие избори својот збор да го дадат пред граѓаните, а не пред партијата, да работат со отворени врати, да се однесуваат скромно, да одговараат на секое прашање и да носат одлуки во јавен интерес“, укажа д-р Филипче, нагласувајќи дека токму ова е суштинската предност на СДСМ во однос на власта на ВМРО-ДПМНЕ и најважната разлика што ќе се одрази на квалитетот на локалната самоуправа.