Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференција објави дека СДСМ победила во три општини – во Крива Паланка, Кривогаштани и во Богданци и дека води во девет други – меѓу кои Центар, Пробиштип, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Валандово, Лозово и Ранковци.
„Од пребројаните близу 70 отсто од гласовите водиме во девет општини – Центар, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Валандово, Конче, Крушево, Лозово и Росоман. Таму ќе има втор изборен круг. Дополнително, во уште неколку општини каде што сме на второ место – Неготино, Македонска Каменица, Ранковце, Дојран, Демир Капија, Зрновци и очекуваме податоци од уште неколку општини“,
Лидерот на СДСМ рече дека не е постигнат посакуваниот изборен резултат, но, како што вели, резултатот не е лош со оглед на околностите. Дополнително, Филипче посочи дека во добар дел од општините СДСМ има зголемување на бројот на гласови во однос на ланските парламентарни и претседателски избори.
„Тоа е доказ на таа консолидација којашто започна изминатите месеци во партијата – процес на кој интензивно ќе работиме во следниот период. Апелирам граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг. Битно е избраните градоначалници да имаат легитимитет од што поголем број на граѓани“,
Во однос на изборните нерегуларности за кои претходно денеска алармираше СДСМ, Филипче вели дека во текот на утрешниот ден забелешките ќе бидат доставени до ОБСЕ и до Државната изборна комисија.