Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески, одново ќе го облече дресот на Вардар 1961. „Црвено-црните“ со кратко видео го најавија кам-бекот на поранешниот репрезентативец на Македонија, кој по двете години минати во Бенфика се враќа на стара адреса.

„Со задоволство го потврдуваме враќањето на нашиот „бомбардер“ Филип Талески во дресот на Вардар. Уште многу вакви радости заедно да прославуваме. Добредојде Филип!“, се вели во објавата на клубот.

Во овој период и Охрид сериозно притискаше за потписот на Талески, но неговиот финален избор е Вардар 1961. Талески е дете на Металург, рано замина во бундеслигашот Рајн Некар Левен (освои бундеслигашка титула), а во Германија играше и во Балингем. По враќањето во Македонија, со Вардар 1961 освои три шампионати и Купа на Македонија и вгради одлични партии во овие успеси.

На последните две големи натпреварувања, Талески не беше во дресот на македонската репрезентација.

Освен Талески, дресот на Вардар и наредната година ќе го носи и црногорскиот бомбардер Вуко Борозан, информираа од клубот.

„Нашите напори да имаме уште посилен тим се исплатеа, бидејќи донесовме квалитетни играчи, и ги задржавме оние со кои успеавме да се договориме за продолжување на соработката. Можам да потврдиме дека на бековската позиција ќе бидеме навистина силни, со доаѓањето на Талески, но и со задржувањето на Дмитро Горига и Вуко Борозан. Украинскиот бек го продолжи договорот, а со Борозан сме речиси договорени, и остануваат детали пред официјално да го потврдиме.

Јака Малуш се приклучува на среден бек, со отворено прашање за дополнитена опција на оваа позиција. На десната позиција сега ги имаме Марек Марчинијак  и Урош Митровиќ како засилувања“, вели Андија Нунев, директорот на Вардар.

Речиси е направен и планот за подготовки зановата сезона, каде засега е потврдено учеството на турнирот во Охрид, а стручниот штаб разгледува можности и за настап на други турнири, и пријателски среди кои ќе помогнат за воигрување на тимот.

 

ИЗДВОЕНИ