Оркестарот на Македонската филхармонија в петок со почеток во 20:00 часот ќе одржи концерт, кој е насловен „Музика. Сега!“ и на кој како солист ќе настапи виолистот Александар Гордон од Германија. Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концертот за виола и оркестар од Алфред Шнитке и суита од операта „Кавалер со ружа“ оп.59 од Рихард Штраус.
Маестро Александар Гордон зад себе има навистина богата кариера како виолист, но во последниве години тој е и успешен диригент. Всушност, неговиот дебитантски настап како диригент беше во Финска, во 2014 година, со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта, што му донесе покани да диригира и со другите оркестри во Финска. Во 2017 година следуваше мошне значаен концерт, кој му донесе покани за диригирање насекаде во светот, со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио и со влијателниот виолончелист Миша Мајски како солист. Во април 2021 година му асистираше на маестро Владимир Јуровски со Лондонската филхармонија, а таа година го имаше и својот дебитантски настап како диригент на Лондонската филхармонија, на турнејата во Мадрид и во Барселона. Во 2015 година беше именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар (INSO) во Лвив. Тоа му даде на овој мултинационален германско-руско-украинско-еврејски музичар улога на амбасадор на мирот во Украина, со цел да донесе мир и единство преку музиката. Инаку, на само 23 години, бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Во 2012, по десет години како лидер на виола-секцијата на ЛПО, тој целосно ѝ се посвети на својата кариера како солист и диригент.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори.












