Бразилскиот фудбалер Винисиус би можел да биде суспендиран на две години доколку Етичкиот комитет на ФИФА утврди дека имало конфликт на интереси поради неговиот сопственички удел во повеќе фудбалски клубови.
Бразилската компанија „Tiberis Holding do Brasil“ истакна дека Винисиус презел сопственички удели во некои клубови, што може да го доведе во сериозни проблеми. Поднесена е официјална жалба до Етичкиот комитет на ФИФА, заедно со барање за двегодишна суспензија за бразилскиот ас, а од ФИФА најавија дека ќе го разгледаат случајот.
„Tiberis Holding do Brasil“ го претстави случајот пред ФИФА на 7 април и предупреди на потенцијален конфликт на интереси за играчот на Реал. Се тврди дека тој ги прекршува етичките правила, кои, поради ризик од судир на интереси, им забрануваат на активните фудбалери директно или индиректно да имаат удел во професионалните клубови.
Проблемот на Винисиус произлезе од вмешаноста на компанијата што ја водеше неговиот татко и агент, Тасило Соарес. Компанијата со која раководат има удел во неколку клуба, вклучувајќи го и бразилскиот Атлетик Клуб де Сао Жоао дел Реи. „Tiberis Holding do Brasil“, кој поседуваше 16,5 отсто од клубот, тврди дека бил лишен од правото на прва понуда и дека неговите акции во клубот биле продадени на компанија поврзана со Винисиус.
Притоа се повикува на членот 20 од Етичкиот кодекс на ФИФА и на членот 22 од Правилникот за спортска правда на шпанската Фудбалска федерација. Во двата се наведува дека активните фудбалери не смеат директно или индиректно да поседуваат фудбалски клубови дури и ако постои само ризик од конфликт на интереси. Винисиус е поврзан и со Алерко, клуб што се натпреварува во португалската Втора лига.