петок, февруари 27, 2026
Дома СВЕТ Фицо со сериозно тврдење: Зеленски не дозволи експерти да го испитаат наводниот...

Фицо со сериозно тврдење: Зеленски не дозволи експерти да го испитаат наводниот дефект во „Дружба“

29
EPA/ZUZANA GOGOVA

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека разговарал по телефон со лидерот на Киев, Володимир Зеленски, кој одбил да дозволи група експерти да дојдат во Украина за да го испитаат обемот на штетата и дали навистина има штета на нафтоводот Дружба.

Фицо претходно потврди дека Словачка и Унгарија ќе предложат формирање инспекциска група за да ја испитаат штетата на нафтоводот Дружба во Украина и дека тој се согласил за ова со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој рече дека ова е договорено откако добиле информации дека нафтоводот е функционален и дека групата треба да биде составена од претставници на Словачка и Унгарија, како и на Европската комисија, и дека се согласиле да го презентираат овој предлог до Европската комисија. Според него, на групата треба да ѝ биде дозволено да го посети делот од нафтоводот Дружба за кој Володимир Зеленски тврди дека е оштетен и го спречува транзитот на нафта.

– Бараме техничката група за инспекција да отпатува таму што е можно поскоро – рече Фицо и повтори дека Словачка има информации што укажуваат дека гасоводот Дружба не е оштетен, а дека и Унгарците имаат исти информации.

Откако разговараше со Зеленски, Фицо напиша на Фејсбук дека побарал од него информации за тоа кога и дали ќе се продолжи со транзитот на нафта низ територијата на Украина до Словачка.

– Јас тврдев дека имаме легитимно право на таков увоз врз основа на потпишаните договори со добавувачите, како и одлуката на ЕУ да црпи енергетски суровини од Русија до крајот на 2027 година. Го информирав дека одлуката за запирање на транзитот на нафта ни предизвикува логистички тешкотии и економска штета. Разговорот потврди дека имаме различни мислења за состојбата на нафтоводот – напиша Фицо нa Фејсбук.

Како што рече тој, „додека нашите разузнавачки информации потврдија дека не е оштетен и дека ништо не го спречува транзитот на нафта, Зеленски инсистираше дека поправката на цевководот ќе трае долго“.

– Поради оваа причина, за да се избегнат недоразбирања, го информирав Зеленски дека, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, предлагаме доаѓање на група експерти номинирани од Европската комисија и земјите-членки на ЕУ, кои директно на лице место би ја утврдиле фактичката состојба на техничката штета на цевководот или неговата способност да продолжи со транзитот на нафта до територијата на Словачката Република“, рече Фицо.

Тој додаде дека го потсетил Зеленски дека украинската страна не му дозволила на словачкиот амбасадор во Киев да спроведе инспекција, а дека на амбасадорот на Европската Унија во Украина не му била дадена оваа можност.

– Зеленски одбил таква инспекција, наведувајќи го негативното мислење на украинските тајни служби. Тој предложил заеднички преговори со словачката страна за сите аспекти на украинско-словачката соработка. Ја прифатив оваа покана и побарав од Канцеларијата на Владата на Словачката Република и Министерството за надворешни и европски работи на Словачка да најдат соодветен датум за таков состанок во соработка со украинската страна. Претпочитам состанок на територијата на една од земјите-членки на ЕУ што Зеленски интензивно ги посетува – рече тој.

Како што додаде, од разговорот со Зеленски, добил „јасен впечаток дека украинската страна не е заинтересирана за продолжување на транзитот на нафта“.

ИЗДВОЕНИ