
Словачка нема да учествува во никаква програма на Европската Унија насочена кон финансирање на воена помош на Украина во борбата против руската инвазија, изјави денес премиерот на земјата Роберт Фицо.
„Одбивам да дозволам Словачка да учествува во каква било финансиска шема насочена кон помош на Украина во управувањето со војната и воените трошоци“, рече Фицо на телевизиска прес-конференција, објави „Ројтерс“.
Фицо, исто така, ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија, поради нејзината војна во Украина, велејќи дека тие повеќе ѝ штетат на Европа.
Од 2023 година, кога владата на Фицо дојде на власт, Словачка ја суспендираше државната воена помош за Украина, но продолжи да дозволува комерцијална продажба.
Фицо постојано изјавуваше дека не се согласува со земјите-членки на ЕУ во врска со војната во Украина и дека решение не може да се најде на бојното поле.
Лидерите на ЕУ се согласија пред три дена да ги задоволат „итните“ финансиски потреби на Украина за следните две години, но се откажаа од усвојување план за користење на замрзнати руски средства за финансирање на заем од 140 милијарди евра за Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека парите би можеле веднаш да се искористат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина, воздухопловната флота и позициите на фронтот.











