Фицо попушти, Словачка го крена ветото: Усвоен нов пакет санкции на ЕУ кон Русија

288
EPA-EFE/ALEXANDER NEMENOV/AFP POOL

Словачка ќе престане да го блокира усвојувањето на 18-от пакет санкции на Европската унија против Русија денес, изјави синоќа премиерот на земјата Роберт Фицо. Фицо рече дека Словачка постигнала најмногу што можела во овој момент, откако постојано го блокирала усвојувањето на санкциите барајќи гаранции за штетата што Братислава ќе ја претрпи поради санкциите.

„Во овој момент, би било контрапродуктивно утре да се продолжи со блокирање на 18-тиот пакет санкции“, рече Фицо во видео порака објавена на Фејсбук синоќа.

Европската Унија се согласи за нов пакет санкции против Русија, насочени кон енергетскиот и финансискиот сектор, со цел понатамошен притисок врз Кремљ и наметнување привремен прекин на огнот во Украина.

Санкциите, кои беа одобрени од министрите во Брисел во петокот, забрануваат трансакции со 22 руски банки, Рускиот фонд за директни инвестиции и неговите подружници, како и директното и индиректното користење на подводниот гасовод „Северен тек“, кој во моментов е затворен, но кој Москва сака да го реактивира во иднина.

Санкциите беа ставени на чекање откако Фицо изјави дека не е подготвен да го поддржи предлогот, наведувајќи загриженост во врска со увозот на гас од Словачка.

Во вторникот, министрите за надворешни работи на Европската унија не успеаја едногласно да ги поддржат санкциите, откако Словачка го задржа своето вето.

ИЗДВОЕНИ