Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека нема да го поддржи 19-тиот пакет санкции против Русија освен ако заклучоците на Европскиот совет не содржат, како што изјави, „разумни предлози и насоки“ за Европската комисија.
Зборувајќи на настанот „Ден на извозот на ЕУ“, посветен на зајакнување на подготвеноста за извоз и конкурентноста на компаниите надвор од ЕУ, Фицо нагласи дека Европскиот совет мора да се справи со клучните економски прашања, а не само да ѝ помогне на Украина, објави словачкиот „Справи“.
„Нема да го поддржам 19-тиот пакет санкции против Русија додека не видиме разумни формулации и упатства за Европската комисија во заклучоците на Европскиот совет“, рече Фицо, додавајќи дека лидерите на ЕУ имаат обврска да ја водат Комисијата како извршен орган на Унијата.
Тој нагласи дека е потребно да се дадат конкретни предлози во врска со индустријата, особено автомобилската индустрија, како и цените на електричната енергија.
Фицо ги повика политичките и економските актери во Словачка да се подготват за идното обновување на односите со Русија, бидејќи, како што изјави, „по завршувањето на војната, ќе биде потребно да се бараат деловни можности во таа земја“.
Словачкиот премиер го критикуваше Европскиот совет за, според неговите зборови, прекумерна концентрација на Украина, а воедно ги занемарува проблемите со конкурентноста на земјите од ЕУ.
„Ако не го решиме прашањето на извозот и високите цени на енергијата, нашите производи нема да можат да се натпреваруваат на светскиот пазар“, предупреди Фицо.
Осврнувајќи се на планираната забрана за производство на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, Фицо повика на преиспитување на таа одлука со одложување на рокот или промена на условите.
„Автомобилската индустрија во Словачка учествува со околу 40 проценти во извозот и 10 проценти во БДП. Ако го оставиме настрана, знаејќи ја кризата во која се наоѓа, и не кажеме ништо на следниот Европски совет, се поставува прашањето, зошто воопшто се состануваме, освен за Украина?“, заклучи Фицо.