Словачкиот премиер Роберт Фицо ја поздрави најавената средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска и рече дека приоритет е „итно прекинување на борбите“, а воедно ги повика западните земји „да не го попречуваат“ постигнувањето на евентуален мировен договор.
Во видео обраќање на социјалните мрежи, Фицо оцени дека „најважно е да се замолчи оружјето“, додавајќи дека за време на американско-руските разговори треба да се обезбедат услови за трети страни од Западот да не го блокираат евентуалниот мировен договор.
„Сакаме претседателите на Русија и САД да најдат внимателно решение“, рече словачкиот премиер.
Во истото обраќање, Фицо го критикуваше досегашниот пристап на Западот кон војната во Украина, велејќи дека Киев „плаќа висока цена“ за тоа што е вовлечен во обид да ја ослабне Русија.