Фицо дециден: Словачка ќе го блокира секој обид за воведување санкции од ЕУ врз Русија

96

Словачка ќе блокира секој обид за воведување санкции од ЕУ врз Русија, изјави денес словачкиот премиер Роберт Фицо откако парламентот на земјата гласаше за резолуција со која се бара од владата да не поддржува никакви нови казнени мерки против Москва.

Фицо додаде дека Словачка сака да остане конструктивна во рамките на ЕУ, но во исто време рече дека резолуцијата на парламентот е политички инструмент што носи силна порака, објави Ројтерс.

– Ако има санкции што ќе ни наштетат, никогаш нема да гласам за нив – нагласи тој на прес-конференција.

Словачка, членка на НАТО и ЕУ, се оддалечи од своите западни сојузници околу својот став за Украина откако Фицо и неговата левичарска националистичка коалициска влада дојдоа на власт, објави Ројтерс.

Братислава престана да му обезбедува државна воена помош на Киев во војната со Русија.

Фицо е исто така против трговските санкции врз земјата, велејќи дека тие им штетат на Словачка и ЕУ повеќе отколку на Москва.

Сè уште не е јасно до кој степен резолуцијата усвоена од парламентот е уставно обврзувачка, објави Ројтерс.

Фицо посочи дека не може да поддржи санкции што би го запреле увозот на руско гориво за нуклеарните централи на Словачка.

Словачка претходно не блокираше ниту еден претходен пакет санкции на ЕУ, вклучително и 17-тиот пакет усвоен во мај, кој беше насочен кон „флотата во сенка“ на Русија.

ИЗДВОЕНИ