Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) неодамна донираше спортска опрема за 42 екипи што настапуваат во Супермладинската лига и во Втората и во Третата младинска лига.
Иако уште тогаш од ФФМ потенцираа дека клубовите не треба да наплаќаат за таа опрема, се случи спротивното. Од ФФМ го потврдија тоа со соопштение, кое ви го пренесуваме во целост.
- Фудбалската федерација на Македонија ги информира родителите чии деца тренираат во младинските клупски категории дека фудбалската опрема што им ја донираше ФФМ на клубовите – е бесплатна.
- ОПРЕМАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ НАПЛАЌА!
- Добивме информации дека одредени клубови им бараат пари на родителите за опремата, што е строго спротивно на условите под кои ја додели ФФМ донацијата. Ве охрабруваме, доколку вашиот клуб побара надоместок за опремата, веднаш да пријавите во ФФМ. Нашата цел е младите фудбалери да имаат фер услови за развој и поддршка без дополнителен финансиски товар за родителите.
- ФФМ ќе продолжи да ја следи ситуацијата и ќе реагира соодветно за да ја заштити секоја млада генерација – се вели во соопштението на ФФМ.
Ова е само уште еден доказ дека клубовите на најболен начин сакаат да профитираат преку најмладите, со тоа што ја наплаќаат бесплатната опрема добиена од ФФМ. Доколку се оди според законот, чинителите на овој скандалозен чин мора да бидат казнети, во спротивно „традицијата“ ќе продолжи.