Од тенџерче и капаче до „смртни“ непријатели, и тоа за само неколку месеци! Со овие зборови, можеби, најдобро се опишува најновата сапуница на македонската фудбалска сцена.

Од една страна, ја имаме Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), поточно спортскиот директор Горан Пандев, а, од друга, поранешниот селектор Игор Ангеловски.

Причината за да пукне тиквата помеѓу нив двајцата е селекторската функција, која и официјално му е доделена на актуелниот тренер на ФК Вардар, Гоце Седлоски.

Наследникот на Благоја Милевски може да се пофали со три шампионски титули и неговиот актуелен клуб ја освои есенската титула во сезоната 2025/2026.

Да, Вардар е прв на табелата, но моментално не е реално да се зборува дека ќе се врати титулата на националната арена „Тодор Проески“, затоа што второпласираната Струга има еден бод помалку, а третопласираната Шкендија, која ќе игра во шеснаесетфиналната рунда од Конференциската лига, шест бода помалку.

Никој не му го оспорува тренерскиот квалитет на Седлоски, иако сивито не му е толку дебело, но големи се шансите да дојде притисокот до точка на вриење во текот на првата прозивка, а сите знаеме зошто.

Јавноста е поделена кога е селекторската функција во прашање, а кај нас, во Македонија, најгласни се оние зад тастатурата. Иако има такви што ја поздравија одлуката на ФФМ, не е мал бројот на оние што тврдат дека Седлоски е селектор затоа што е тренер на синот на првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Дел од оние вторите, кои не се задоволни од изборот на Гоце, е и поранешниот селектор Игор Ангеловски. Популарниот Мрме ги искористи социјалните мрежи да го изрази своето незадоволство од изборот на ФФМ.

– Селекторот Гоце Седлоски ни риба ни девојка! Несериозен пристап на раководството на ФФМ, заедно со УО, најпрво со селекторот Благоја Милевски, а сега и со изборот на новиот селектор Гоце Седлоски за клучните натпревари за пласман на Светското првенство, кој претставува национално прашање.

Комисија или одлука на УО на ФФМ – сеедно е!

При изборот на селектор, треба да се има сериозен пристап. Таа функција не трпи пресметки како за избор на гувернер на национална банка на една држава, каде што се „регулираат парите во оптек“.

Вие не правите разлика, важно е само личните интереси да Ви бидат задоволени. Ваков скандал, колеги „мои“ што сте во комисијата и сакате да се амнестирате, Ве молам, да не ми се јавувате. „Одважете“ се и излезете јавно! Сите сте докажани, реализирани фудбалски професионалци. Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат „фудбалски стаорци“?

По сè што слушнав на денешниот семинар за тренери носители на пролиценца, кој се одржуваше во исто време кога беше и промоцијата на новиот селектор во хотелот „Хилтон“, и тоа од моите колеги, кои беа во огромен број, е причината да излезам јавно и да го изнесам мојот став.

Ако еден зборува, тогаш или е до него или е до тебе. Ако двајца или повеќе зборуваат, тогаш, г. Омерагиќ, треба да се замислиш.

Mакедонскиот фудбал не го заслужува ова! – напиша Ангеловски, кој беше еден од кандидатите за нов селектор и под чие водство националниот тим го постигна најголемиот успех во историјата, пласман на ЕП 2020.

Само неколку минути подоцна, Мрме доби одговор од спортскиот директор Горан Пандев, кој, исто так, се покажа силен зад тастатурата.

– Се јави големиот селектор, големиот патриот. Не дочека ни шест часа да почне да „плука“. Замислениот Наполеон, експертот што во последните години не се задржа повеќе од два-три месеци во ниту еден клуб. „Шарлатан“, кој секогаш се става во прв план.

Ајде со мене во пензија, доста ти беше! Помина времето на „шуто и рогато“ во ФФМ – му одговори Пандев на Ангеловски, кој беше една од главните причини за кам-бекот на Горан во националниот тим откако се откажа претходно.

Тие што беа тенџерче и капаче до пред некое време, што делеа парична казна во текот на Европското првенство во 2021 година, што тврдеа дека поради љубов и обврска кон државата повторно ќе соработуваат, сега водат војна, и тоа преку социјалните мрежи.

Да станува збор за деца, ќе сфатевме, тие најчесто ги користат социјалните мрежи за покажување „мускули“, но тука станува збор за спортски работници, за поранешни фудбалери и репрезентативци, за некогаш големи другари.

Секогаш е потребно да се покаже класа, да се биде господин и во победа и во пораз, а Горан Пандев мора да сфати дека како спортски директор во ФФМ, има функција и дека во Македонија се користи кирилското писмо за обраќање кон сограѓанин и кон домашната јавност. Латиница, се знае, за комуникација со странци!

(М. С.)

ИЗДВОЕНИ