Во Младинскиот културен центар (МКЦ), во киното „Фросина“, од 26 до 28 jуни публиката ќе има можност да ужива во македонските кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен. – Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и за поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани на македонската културна сцена – велат организаторите

 

Седмото издание на фестивалот „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе донесе богата програма од најновите македонски остварувања. Во Младинскиот културен центар (МКЦ), во киното „Фросина“, од 26 до 28 jуни публиката ќе има можност да ужива во македонските кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.

Прошетка

На 26 јуни, со почеток во 18:00 часот, ќе бидат прикажани пет кратки филма. На програмата се остварувањата на режисерите: Елеонора Венинова – „Прошетка“ во продукција на „Три точки“; Халим Лута – „Бегство“ („Кодра продукција“); Надежда Панов – „Турбо-нет“ во продукција на „Пиреј филм; Трифун Ситниковски – „Мала шега“ („ДНФ филм“) и Васил Христов – „Амра“ („Алка филмс“).

Од долгометражните филмови, во рамките на ревијата ќе бидат прикажани остварувањата „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во продукција на „Трис филмс“ (27 јуни, 20:30 часот) и „Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар, во продукција на „Сектор филм“ (28 јуни, 20:00 часот).

Дел од документарната програма, пак, ќе бидат „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, во продукција на „Скопје филм студио“ (27 јуни, 19:00 часот) и „Богатство“ во режија на Арсим Фазлија, „Сејви продукција“ (28 јуни, 18:00 часот).

Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма, ќе се одржи специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ за публиката што не може да го посети киното „Фросина“.

– Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и за поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани на македонската културна сцена. Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува мисијатa да ја претставува актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближува до домашната публика и до медиумите, како и да придонесува за унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и на креативната динамика во индустријата. „Златна рамка“, покрај тоа што е филмска ревија, претставува и платформа за професионален дијалог, каде што филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги

споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработка – велат од ДФРМ.

Инаку, годинашното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмските работници на Македонија – здружение со витално значење за развојот и за заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес.

ИЗДВОЕНИ