Фестивал на улична храна и музика во паркот „Авионче“

109

Во паркот „Авионче“ во скопската населба Ново Лисиче од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот „Фестивал на улична храна во Општина Аеродром“ (AERO Street Food Festival), кој Општината го нарекува „уникатно гастрономско и музичко доживување за сите генерации“.

Фестивалот се очекува да обедини 12 скопски ресторани и сендвичарници, со богата понуда од четири различни кујни: американска,  европска, регионална и ориентална.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети од уличната гастрономија, но и автентични традиционални јадења и богат избор на пијалаци.

Покрај храната, фестивалот секоја вечер од 17.30 до 00.30 часот ќе нуди музичка програма со настапи на врвни изведувачи („Рингтонс“, „Саутпарк“, „Брејкдаун бенд“, Гоце САФ, диџеј Александар Јорданов, диџеј Марко, диџеј Мицов, диџеј Шиме, диџеј Моно, DJ Foodieman, DJ Guardian и диџеј Фичо).

Програмата ќе биде збогатена и со интерактивни активности за публиката како што се: натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други забавни предизвици со награди, што ќе го направи фестивалот атрактивен за младите и за семејствата.

–Првиот фестивал на улична храна во нашата општина е одлична можност да се афирмира урбаната култура и заедништвото преку храната, музиката и позитивната енергија. Убеден сум дека паркот „Авионче“ во септември ќе биде новото омилено место на жителите и посетителите на Аеродром – изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Фестивалот во срцето на Аеродром се организира со поддршка од Општината, а влезот за сите посетители е бесплатен.

ИЗДВОЕНИ