Од 11 до 13 септември 2025 година, во централниот општински парк на Ѓорче Петров ќе се одржи првото урбано издание на фестивалот „Еволуција на сонот“.
Како што објаснува Весела Моловска, основач и организатор на фестивалот, „Еволуција на сонот“ носи динамична и современа програма наменета за сите генерации, со акцент на урбаната култура, на меѓународната и на локалната уметничка сцена, благородна културна продукција со многу музика, перформанси и со невообичаена форма на изразување.
– Фестивалот има корени од 2016 година, кога беше претворена старата куќа на „Рузвелтова“, број 44 а, во уметнички простор пред нејзиното уривање. Деветте соби на дебармаалската куќа беа насликани со мурали од реномирани уметници, придружени со концерти и перформанси, оставајќи магично искуство за посетителите. Подоцна, проектот продолжи во Кинотеката на Македонија со музичко-визуелни настапи и изложби. Ова е негово трето издание, но прво во форма на урбан фестивал што ќе продолжи да расте и да се надградува во наредните години – посочува Моловска.
Инаку, фестивалот ќе започне в четврток во 20:00 часот, во соработка со уметничкото движење „Паломарт“ од Неапол. Ќе настапат уметници и музичари од Португалија, Бразил и од Италија со аудиовизуелни перформанси во живо, концерти, диџеј-сетови, уметнички инсталации и мурална уметност. Наредниот ден, петок, ќе ѝ биде посветен на слободата на изразување преку музика, танц и визуелна уметност. Ќе има перкусионистичка работилница со бразилски уметник, графити-перформанси во живо и диџеј-сетови на Оки Доки, Дабл Г, Аце КН и други. Атмосферата ќе биде збогатена со урбани активности и со спортски натпревари.
В сабота, кога е завршниот ден, ќе има концерти на Џун и Пијан Славеј, кои ќе ја пренесат свежината на еден нов музичко-поетски формат што носи поразличен звук на македонската сцена.
Според Моловска, „Еволуција на сонот 2025“ претставува урбано, музичко и уметничко доживување што ги обединува различните култури и генерации, создавајќи платформа за дијалог, инспирација и за заедништво.
– Се надеваме дека фестивалот ќе ја добие поддршката на јавноста и ќе се вброи меѓу значајните културни настани во Скопје – констатира Моловска.