Формула 1 станува се поинтересна за љубителите на овој спорт. Мекларен е видливо доминантен на патеката, а главната битка ја водат тимските колеги Ландо Норис и Оскар Пјастри. Но, во другите тимови почнаа да летаат првите искри.

Ред Бул, кој доминираше изминатите години, ја додели првата голема шут-карта или, поточно, втора оваа сезона. Прво го избркаа Лијам Лосон по само неколку трки и го донесоа Јуки Цунода, а сега летна „главата“ и на еден од највлијателните луѓе во тимот, шефот Кристијан Хорнер. Но, тука не застануваат возбудувањата во најголемиот циркус на денешницата. Овој пат се јави големиот шампион, Фернандо Алонсо.

Шпанецот ја заврши трката за Големата награда на Велика Британија видливо разочаран, па реши остро да го нападне својот Астон Мартин, велејќи дека тимот му ја уништил шансата за одличен резултат. Тој ја започна трката во Силверстон од пристојната седма позиција, но по хаотичниот развој на настаните во дождливи услови, заврши само деветти. И покрај тоа што двата болида на Астон Мартин завршија во бодови за првпат оваа сезона, Алонсо не ја криеше својата фрустрација.

Неговиот тимски колега, Ленс Строл, заврши на седмото место, а според Алонсо, ова дополнително покажа колку биле погрешни одлуките на механичарите во тимот.

За време на самата трка, Алонсо им се обрати директно на инженерите преку радиоврската: „Сите позиции што ги изгубивме – дали е тоа поради полошите гуми на противникот или само даваме позиции за забава?“. Тој не застана тука. Набрзо додаде: „Неверојатно е како никогаш не погодувате со мене.“

Откако ја помина целната линија, неговиот тон беше уште поостар: „Ужасна трка, како и обично“.

Во разговор за „ДАЗН“, двократниот светски шампион изрази жалење за пропуштената можност, нагласувајќи дека трката била исклучително тешка за стратешко донесување одлуки.

  • Беше тежок предизвик и, на крајот, се покажа како пропуштена можност за нас. Не сум среќен. Почнавме седми, завршивме деветти – направивме нешто погрешно, истакна Алонсо.

Шпанецот отворено призна дека делот во гаражата на Строл реагирале подобро во клучните моменти.

  • Ленс имаше две замени гуми пред да влезам во боксот за првпат. Во еден момент беше трет. Тешко е да се разбере како не ги користиме тие информации од другата страна на гаражата, им порача Алонсо на своите механичари.

ИЗДВОЕНИ