Четири лица загинаа, 38 се водат како исчезнати, а 23 се спасени откако ферибот со 65 лица потона во близина на индонезискиот остров Бали, објави изутринава Метро ТВ, повикувајќи се на Индонезиската агенција за пребарување и спасување.
Потрагата по преживеани е во тек.
Бродот КМП Туну Пратама Џаја потона речиси половина час по напуштањето на пристаништето Кетапанг во Источна Јава, објави агенцијата без да ги наведе можните причини за потонувањето.
Според списокот на лица кои се качиле, на фериботот имало 53 патници и 12 членови на екипажот. Исто така, имало и 22 возила, од кои 14 биле камиони.