Кошаркарите на Фенербахче и на Панатинаикос ја оправдаа улогата фаворит и славеа на домашен терен во првиот натпревар од плејофот во Евролигата.

Дуелот меѓу Фенер и Париз беше фантастичен во кој победникот беше решен во последните секунди (83:78). Гостите ја одиграа својата игра храбро со голем број обиди за три поени и водеа во поголемиот дел од натпреварот. Сепак, на самиот крај попуштија, а промашувањата на македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс и Надир Хифи ги чинеа вистинска сензација и брејк. Следниот натпревар од оваа серија се игра денеска во 19:45 часот, исто така во Истанбул.

Турскиот тим го предводеа Вејд Болдвин со 15 и Најџел Хејс-Дејвис со 14 поени, додека на спротивната страна Хифи беше најефикасен кај парискиот тим со 21 поен, а нашиот репрезентативец запиша 17 поени и седум асистенции.

И на вториот натпревар од плејофот видовме вистинска драма, а победата им припадна на кошаркарите на Панатинаикос, кои на самиот крај го свртеа натпреварот во своја полза против Анадолу Ефес (87:83).

Гостите во неколку наврати во второто полувреме водеа со 12 поени разлика, но решавачкиот момент дојде во последната четвртина, во која промашија многу удари од далечина од отворени позиции.

Но, она што се зборува и ќе се зборува во наредните денови е прес-конференцијата во која главниот збор го имаше тренерот на грчкиот тим, Ергин Атаман, кој надалеку е познат по својата бруталност. Тој по натпреварот жестоко го нападна противничкиот тренер, Лука Банки. Причина за тоа е што турскиот тим непосредно пред мечот тренираше во салата на Олимпијакос, а не во „ОАКА“ арената.

  • Сакам да му кажам на мојот пријател Лука Банки – мразам кога некои луѓе ми се смеат во лице и ми прават чудни работи зад грб. Тоа навистина ми пречи. Прашај ги кошаркарите на Ефес дали некогаш сум им покажувал видеа од тренинзите на противниците, ако тоа сум го направил веднаш ќе се пензионирам. Не знам зошто отиде да тренираш во друга сала, а не во нашата?, истакна нервозно Атаман.

Инаку, Панатинаикос го предводеше Хуанчо Ернангомез со 20 поени, 16 скока, три асистенции и три украдени топки. Вториот натпревар повторно се игра во Атина, денеска со почеток од 20:30 часот.

Сериите се играат до три победи.

ИЗДВОЕНИ