Следната година, Фејсбук официјално ќе ги исклучи два од своите најпопуларни додатоци за надворешни страници.
Копчињата „Like“ и „Share“ ќе бидат отстранети на 10 февруари 2026 година. Во блог пост од Мета се наведува дека администраторите на страниците не треба да преземат никакви дополнителни чекори за да ја направат оваа промена, иако можат сами да ги отстранат додатоците пред тој датум доколку сакаат.
По исклучувањето, преостанатите додатоци „грациозно ќе престанат да работат“ – што во пракса значи дека ќе бидат прикажани како невидливи елементи со димензии 0x0 пиксели.
Исклучувањето на овие функции означува крај на една ера за Фејсбук и Мета. Надворешните додатоци „Like“ и „Share“ беа воведени уште во 2010 година и беа промовирани како начин за добивање поголем сообраќај до страниците преку социјалната мрежа, која тогаш беше главен канал за споделување статии и содржини.
Денес, Мета вели дека додатоците „одразуваат претходна ера на развојот на интернетот, а нивната употреба природно се намали како што се промени дигиталниот пејзаж“.
Покрај тоа, Фејсбук денес зазема многу помала улога во пошироката деловна структура на Мета отколку што имаше порано, а во пракса е сè поретко да се видат страници што нудат интеграција исклучиво со една социјална мрежа.












