„Фејмс“ приреди магична вечер со звуците на тангото на „Охридско лето“

76

Магична и незаборавна вечер во преубавиот амбиент на предворјето на „Света Софија“, вчеравечер, приреди „Фејмс“ – Европскиот оркестарски изведувачки институт предводен од брилијантната Русанда Панфили од Молдавија. Со музиката на Астор Пјацола, концертот насловен „Либертанго“ ја раскажа животната приказна на овој композитор.

Со многу страст и префинетост виолинистката Панфили ја пренесе енергијата кон публиката, која со многу емоции го следеше ритамот на препознатливите звуци на тангото, но и ги награди уметниците со долги аплаузи и со стоечки овации.

Русанда, свирејќи на ретка виолина од 1610, донесе фузија на класичната, филмската и на фолклорната музика, воодушевувајќи ја публиката со својот проект „Панфили и пријателите“. Панфили е светски позната  виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.

„Фејмс“ – Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 г., во Скопје и е кофинансиран од проектот „Фејмс“, ЕУ (Креативна Европа) и македонското Министерство за култура. Програмата на Институтот е направена да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.

Програмата става акцент на разновидниот музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска музика, музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.

ИЗДВОЕНИ