Најмалку десет вработени во Федералното истражно биро на САД (ФБИ) кои работеле на истрагата на поранешниот специјален обвинител Џек Смит за ракувањето со класифицирани документи од страна на Доналд Трамп се отпуштени, пишува Анадолија, повикувајќи се на медиумски извештаи.
Повикувајќи се на повеќе извори, CBS News соопшти дека сите отпуштени агенти и аналитичари биле вклучени во истрагата за задржувањето на чувствителни документи од страна на Трамп откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.
Отпуштањата следеа по контроверзиите околу пристапот до телефонските записи на директорот на ФБИ, Кеш Пател, и шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, за време на истрагата, додека двајцата биле приватни граѓани.
Пател, кој беше критикуван за патување финансирано од даночните обврзници во Олимпиското село во Италија минатата недела, тврди дека ФБИ ги добило неговите информации „под слаби изговори, криејќи го целиот процес во тајни досиеја за да избегне каква било проверка“.
Реакции на отпуштањата
Здружението на агенти на ФБИ ги осуди отпуштањата.
„Овие потези ја ослабуваат Агенцијата со губење на клучни експерти и ја дестабилизираат работната сила, што на крајот ја става нацијата во поголем ризик“, рекоа тие.
Пател се соочи со критики за отпуштање на агенти кои учествувале во легитимни истраги против Трамп, особено откако тој вети за време на неговото сослушување за потврда минатата година дека нема да ја политизира агенцијата.
Судбината на истрагите на Смит
Истрагите што ги водеше Смит доведоа до првите федерални обвиненија против поранешен претседател на САД. Случајот со класифицирани документи беше отфрлен во 2024 година, а обвиненијата поврзани со изборите беа отфрлени по победата на Трамп, бидејќи такви постапки не можат да се поведат против актуелен претседател.
Смит изјави дека верува оти двата случаи, доколку продолжиле, веројатно ќе завршеле со пресуда за виновен, објави Index.hr.












