Фалсификуван документ ги помати плановите на зетот на Трамп да гради луксузен комплекс среде Белград

100

Изградбата на луксузниот комплекс во срцето Белград, чиј инвеститор е зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, станува неизвесна откако првиот човек на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ призна дека издал фалсификуван документ.

Тој во ноември 2024 година го фалсификувал потписот на документацијата со која Владата на Србија ја избришала зградата на Генералштабот од регистарот на заштитено културно наследство и со тоа создала услови локацијата да му се даде на Кушнер на 99 годишен закуп. Овој објект е делумно разрушен откако во 1999 година НАТО го бомбардираше двапати, а на негово место е предвидено да се подигне луксузен хотел и станбено-деловен комплекс, во кој треба да има и кула „Трамп“. Во истрагата е откриено дека фалсификуваниот предлог за донесување одлука за престанок на статусот на културно наследство за зградата на  Генералштабот бил направен без учество на експерти од конзерваторската струка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и испратен до Владата, која на 14 ноември 2024 година донела Одлука за престанок на статусот на културно добро. Она што сега ја загрижува српската јавност е што Васиќ и покрај признанието останува на слобода, затоа што судот го одбил предлогот на Обвинителството да му одреди притвор.

Според пишувањето на Н1 овој случај се забошотувал повеќе од половина година. Од свои извори порталот дознава дека предистражната постапка за овој случај е  водена сега врз основа на анонимна пријава поднесена против Васиќ, иако фалсификуваниот документ српското МВР го пронашло уште во ноември лани. Полицијата дошла до документот кусо време откако БИА влегла во Заводот за да ги спречи вработените да издадат заедничко соопштение против уривањето на зградата. Според порталот, документот што го издал Васиќ не бил ни прописно заведен, а конзерватор објаснува дека тој формално не ни можел да го состави, ниту да го потпише, зашто не е конзерватор, ниту пак го има завршниот испит и неопходното искуство во заштитата на културните споменици.

За овој случај се огласи и Њујорк тајмс нарекувајќи го „непријатна ситуација“ за Кушнер. Како што пренесува весникот, „Афинити партнерс“, компанија која стои зад инвестицијата објавила дека ќе го „разгледа случајот и ќе ги утврди следните чекори“.На сајтот на компанијата на Кушнер, „Афинити Глобал Девелопмент”, која е дел од проектот вреден 500 милиони долари, сè уште стојат идејните решенија за комплексот на местото на Генералштабот. Оваа компанија, ниту пак српската Влада не одговориле на прашањето на „Радио Слободна Европа“ за судбината на проектот. Но, за „Њујорк тајмс“ од „Афинити Глобал Девелопмент“ рекле дека за апсењето на в.д. директорот Васиќ дознале од медиумите и дека судбината на проектот е доведена во прашање. Додале дека ќе ја испитаат ситуацијата и ќе ги утврдат наредните чекори. Од американска страна повеќе детали се очекуваат в сабота, кога Кушнер ќе биде во Тирана, на самит за инвестиции во Европа.

-Уште е рано за славење. Мислам дека ова е резултат на големиот притисок од јавноста. Постои многу широк фронт во борбата за зачувување на Генералштабот: постои консензус на струката, подоцна заводите за заштита на спомениците одбија послушност, на тоа се надоврзаа студентите во блокада кои ги почнаа своите акции и јавни трибини, вели за РСЕ, Миљан Салата, архитект и член на експертската група за одбрана на Генералштабот.

По покренувањето на постапката против првиот човек на Заводот, се очекува Владата да почне постапка за враќање на објектот на листата на заштитено културно наследство.

ИЗДВОЕНИ