Парцелите и куќите во руралните средини можат да се купат за неколку илјади евра, но миграцијата од село кон град во 2024 година останува доминантна. Податоците покажуваат дека речиси половина од сите внатрешни преселби се од село кон град. Причината не е во цената на недвижностите, туку во концентрацијата на работни места, образование, здравство и јавни услуги во урбаните центри. Дури и евтините плацови и стари куќи не ги задржуваат младите и семејствата во селата. Резултатот е продолжено празнење на руралните средини и зголемување на демографскиот притисок врз градовите.
Владата предлага серија финансиски стимуланси – од поддршка за изградба и реновирање куќи до субвенции за отворање бизниси – со цел да ги задржи младите во руралните средини. Експертите сметаат дека дополнително обезбедување на напуштените куќи за млади брачни парови би можело да ги направи селата повторно привлекувани и да поттикне обнова на инфраструктурата и животот на руралното поднебје.

И покрај тоа што земјиштето и куќите во руралните средини во Македонија се значително поевтини од оние во градовите, миграцијата од село кон град и во 2024 година останува доминантен демографски тренд. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека 42,2 % од сите внатрешни миграции минатата година биле од село кон град, што ја отвора дилемата – зошто луѓето го напуштаат селото, иако таму недвижностите се поевтини?
Весникот ВЕЧЕР, анализирајќи ги онлајн огласите, дојде до податоци кои покажуваат дека во многу села и рурални општини земјиштето за градба се продава по цени што се незамисливи за урбаните средини. Во селата околу Скопје, како Чучер-Сандево, Идризово или Катланово, можат да се најдат парцели од 3.000 до 5.000 евра за неколку стотини квадратни метри, или по 3 – 10 евра за квадратен метар во подалечни рурални населби.
Во источниот и во југоисточниот дел на државата, парцели во селата околу Делчево, Берово или Кратово се огласуваат за под 5.000 евра, што теоретски овозможува евтина изградба на семејна куќа. На пример, за градежно земјиште во Илинден од 4.100 квадратни метри, продавачот бара 100 евра за квадрат.
Слична е сликата и кај куќите. На пазарот има бројни огласи за стари селски куќи со двор, кои се продаваат за 20.000 до 40.000 евра во селата во Пелагонија, Источна Македонија или Повардарјето. Викендички во рурални или планински предели (околина на Крушево, Маврово, Берово) се нудат по 25.000 до 60.000 евра, во зависност од состојбата и локацијата. Во некои случаи, куќите со поголемо дворно место се поевтини од просечен стан во Скопје.
За споредба, куќите во градовите или во нивната поблиска околина се значително поскапи. Така, куќа во помал град како Штип или Струмица ретко се нуди под 60.000 – 70.000 евра. Во Скопје, пак, цените за куќа со двор лесно надминуваат 150.000 евра, а луксузни куќи во централни локации (пример Црниче) достигнуваат и преку 800.000 евра.
Анализата на податоците за миграциите и за пазарот на недвижности покажува дека цената на имотот не е клучниот фактор за одлуката каде луѓето ќе живеат. Во многу рурални и периферни средини парцели за градење куќи се нудат за неколку евра по квадратен метар, а во некои села може да се купи плац или стара куќа за неколку илјади до десетици илјади евра, што е далеку под цените во урбаните центри.
Од чисто пазарна логика, ваквите ниски цени би требало да поттикнат населување во селата. Но реалноста е спротивна. И покрај евтините недвижности, руралните средини продолжуваат да губат население бидејќи таму често недостига стабилна можност за вработување, пристап до образование образованието (средни училишта, факултети) и здравствени услуги, јавен превоз и инфраструктура. За оние кои живеат во село или во приградска населба, а работат во град, имаат дополнителни трошоци поради секојдневното патување до работа или на факултет, или пак, одењето до здравствена установа ја поништуваат почетната финансиска предност од евтиното земјиште. Токму затоа, и покрај парцелите од неколку илјади евра и куќите што се продаваат по цена на половен автомобил, селата продолжуваат да се празнат, а градовите да растат.
Тоа го потврдуваат и статистичките податоци на Државниот завод за статистика. Имено, во периодот од 2014 до 2024 година податоците покажуваат дека на ниво на држава просечно имало 4.428 миграции годишно, при што најголеми преселби се случиле во 2017 година (4.987) и во 2019 година (4.806), додека најмалку, само 3.826, имало во 2020 година за време на пандемијата на ковид.
А и регионалните разлики се големи. Пелагонискиот Регион има 52,8 % миграции од село кон град, особено кон Битола и Прилеп. Полошкиот Регион има 49,6 % миграции меѓу села, што покажува интензивна рурална мобилност, но без масовно преселување кон град. Миграциите од град кон село учествуваат со релативно мал удел, околу 5 – 6 %, а меѓуградските миграции се минимални, околу 2,5 % од вкупните.
Статистичките податоци само потврдија дека сè додека работните места, образованието и јавните услуги се сконцентрирани во градовите, ниските цени на руралните недвижности ќе останат недоволни за пресврт на демографскиот тренд, а селата ќе продолжат да се празнат.

Владата минатата година се пофали дека планира да ги задржи младите на село и да ги врати оние што ги напуштија селата преку низа на стимулативни мерки. Една од мерките беше младите брачни парови кои сакаат да се вратат на село ќе добијат финансиска поддршка до 100.000 евра и дека средствата ќе можат да ги користат за изградба или реновирање на куќи, купување земјоделска механизација, обработливо земјиште или добиток. Главен услов е младите да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделство и да живеат во руралната средина најмалку 10 години.
Од Министерството за земјоделство објаснија дека финансиската поддршка ќе изнесува 80% од прифатливите трошоци, најмногу до 6.000.000 денари по брачен пар, а се исплаќа во текот на проектен циклус од три години, а доколку условите не се исполнат, младите ќе мора да го вратат целиот износ на државата. Исто така, беше кажано дека поддршка од 100.000 евра ќе добијат и млади до 40 години кои сакаат да отворат бизнис поврзан со земјоделството или шумарството, да основаат ново семејно стопанство или да диверзифицираат доход во неземјоделски активности.
Имаше и дополнителни мерки како што што е субвенција од 20.000 евра за млади земјоделци кои почнуваат со работа на земјата, активни жени во семејни стопанства, микропретпријатија и воведување иновативни практики, 6.000 евра посебна поддршка за жени како носителки на производството и 10.000 евра за млади кои преземаат постоечки или започнуваат ново земјоделско стопанство, со услов да имаат минимум средно образование или обука за земјоделство.
Експертите тогаш истакнаа дека финансиската поддршка е добар почеток, но дополнителни мерки за обезбедување куќи би го зголемиле мотивот на младите да се преселат на село. Универзитетскиот професор Илија Каров тогаш за весникот ВЕЧЕР потенцираше дека вакви програми успешно се спроведуваат во Србија и Италија, каде државата или општините ги откупуваат напуштените куќи и ги доделуваат на млади брачни парови со обврска да живеат во нив најмалку 10-15 години.
– На овој начин, младите добиваат свој дом, се зголемува бројот на жители во селата, а старите и напуштените куќи се реновираат и оживуваат. Преку заеднички напори може да се обнови инфраструктурата и да се даде нов живот на руралните средини, додава Каров.
Со комбинирање на финансиска поддршка и обезбедување куќи, експертите сметаат дека селата во Македонија би можеле да станат привлекувани за младите, а руралниот развој да добие нов замав.
(С. Бл.)












