
Украинските власти изгубија стотици милиони долари нарачувајќи оружје од несигурни добавувачи, пишува британски „Фајненшл тајмс“.
Порталот ги објави резултатите од својата истрага, врз основа на протечени документи од украинската влада и „десетици интервјуа со службеници за набавки, трговци со оружје и детективи“.
Според статијата, обидите за купување оружје преку трети страни и од сомнителни добавувачи резултираа со тоа што Киев „изгуби стотици милиони долари“ во текот на три години.
Во голем број случаи, украинската страна платила големи депозити на малку познати компании кои сè уште не го испорачале нарачаното оружје или неговите делови.
Изворите на „Фајненшл тајмс“, исто така, опишале случаи каде што, поради нагло зголемување на побарувачката, оружјето било купено по „надуени цени“, но се покажало како неупотребливо.
Според статијата, Украина досега им исплатила 770 милиони долари однапред на странски трговци за оружје и муниција што не е испорачана. Ова претставува значаен дел од годишниот воен буџет на Киев.
Во исто време, некои странски компании за оружје велат дека биле жртви на внатрешни конфликти и корупција од страна на украинските функционери и државните трговци со оружје, што би можело да биде причината зошто милиони долари исчезнале, се вели во извештајот. Според документите што ги видел „Фајненшл тајмс“, во некои случаи имало заговор меѓу високи украински безбедносни функционери и странски посредници за користење на договорите за кражба на јавни средства, пренесува „Спутник“.